logo
logo
logo

Снобизам и насилна комуникација меѓу децата

Vecer | 27.01.2023

Снобизам и насилна комуникација меѓу децата

„Тоа не беше така во мое време“ реченица која често ја слушаме, а се однесува најчесто на периодот пред паметните телефони, пред брзиот безжичен интернет, пред Фејсбук, Инстаграм и останатите социјални мрежи. Значи, периодот од пред дваесет години кој денес делува како далечно минато.

Кога се во прашање денешните деца, секојдневно сме запрепастени слушајќи работи кои звучат нереално за некогашното поимање на реалноста.

На пример, пред некој ден, една другарка се пожали дека нејзиниот внук од брат кој е шесто одделение, децата на училиште го задевале дека е „сиромашен“.

Жената беше зачудена, како што вели: „Детето живее нормално, има сè, ништо не му фали, можеби не му купуваат најскапа облека, но дете е, ја одраснува за неколку месеци, што ќе му е скапо и брендирано...“

Не долго после тоа, една друга пријателка ми кажува како нејзината ќерка која е прво одделение во едно основно училиште ја терале да ја подигне патиката за да покаже дали носи се оригинал „џорданки“.

Не знам за вас, но јас не се сеќавам дека во прво одделение сум размислувала за патики, а камоли каква марка биле. Не се сеќавам ни дали сум размислувала за тоа во шесто одделение. Она што го знаевме, до осмо одделение, беше дека има „старки“, „скејтерки“ и „ер-макс“ патики, никому не му беше важно колку чинат, дали се оригинал и слично! Ја знаевме поделбата, бидејќи тоа горе-долу укажуваше на тоа кој каква музика слуша, па според тоа ги носи гореспоменатите модели, и тоа е се.

Знаевме кои професии се ценети и важни, односно, чија мајка е лекар, или чиј татко е адвокат, стоматолог, професор, но во однос на дружењето, тоа не ни значеше многу.

И токму тука се наметнува проблемот на општеството, но и на современото родителство.

Што имаме денес? Еден куп новопечени мајки и татковци кои со телефоните во раце се снимаат во нивните дневни соби и заработуваат пари продавајќи магла, шминка и минлива убавина, без да вршат општестено корисна работа.

Ги обезвреднуваат сите важни достигнувања и ги уништуваат темелите на здравото општество, ги уништуваат шаблоните кои создаваат работни навики, како станувањето рано наутро, пожртвуваноста, учењето, трпението. Покажуваат дека денес е важно да изгледаш добро, да имаш скап часовник, патики, јакна и дека не е важно дали сте прочитале книга, или сте гледале добар филм, или сте играле во паркот, дали сте возеле ролери или сте научиле некој нов збор на странски јазик. Затоа што во денешниот свет, ако имате камера, шминка и ги користите вистинските „филтри“ за обработка на фотографијата, ќе имате публика и ќе бидете сè.

Поради тоа што вистинската професија нема вредност и што квази-професиите се ставени на пиедестал, децата ги напаѓаат наставниците, не ги почитуваат постарите лица, пцујат, навредуваат без размислување, малтретираат пријатели и не знаат за основна култура. Нивниот сон е да станат блогери, јутјубери, инфлуенсери...

Сепак, се разбира дека во морето на сè и сешто има и квалитетни луѓе, но како што се случува во морето, на површината и во близина на брегот секогаш прво испливуваат највалканите и најлигавите слоеви, и ретко кој има волја, желба и сила да заплива малку подлабоко и подалеку. А, ако на детето не му се покажете дека покрај сета таа нечистотија постои и нешто чисто, тоа нема да ја знае разликата.

Како може да знае дека, ако некој не носи брендирана облека, оти тоа не значи дека е сиромашен, или уште полошо, дека ако некој е сиромашен, е безвреден и дека треба да се избегнува и омаловажува.

Ако децата се огледало на родителите, можеме да видиме какви луѓе станале денешните родители, што ги научиле и што ги учат своите деца, колку време одвојуваат за нив... За жал, најчесто сме сведоци на зафатени родители кои почесто се со своите телефони, отколку со своите деца, кои им купуваат безвредни скапи нешта како израз на нивната љубов кон нив, наместо да ги научат на основна култура и морални вредности

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk