Скарлет Јохансон – најплатена актерка според „Форбс“

Улогата на Марвеловата суперхеројка, Црната вдовица, придонесе актерката Скарлет Јохансон да биде на врвот на листата на „Форбс“ на најдобро платени актерки оваа година.

Улогата во дури пет Марвелови стрип-адаптации без сомнение е клучот за оваа триесет и тригодишна актерка од 1 јуни 2017 година до 1 јуни 2018 година да заработи 40,5 милиони, со што нејзината заработувачка во однос на минатата година се зголеми четири пати, пишува „Форбс“.

Зад неа е Анџелина Џоли (43) со 28 милиони долари, благодарение главно на хонорарот за нејзината улога во „Злобница 2“, чие прикажување треба да започне во 2020 година.

Од листата на десет најдобро платени актерки, но во исто време и од престолот на најдобро платени во минатата сезона, оваа година испадна оскаровката Ема Стоун.

На трето место е Џенифер Анистон (49), која сè уште има корист од улогата во „Пријатели“, со заработка од 19,5 милиони долари, а четврта е Џенифер Лоренс (28) со 18 милиони долари приход, што е шест милиони помалку од минатата година.

Листата на „Форбс“ со најдобро платени актери за 2018 година ќе биде објавена следната недела. Минатата година тоа беше Марк Валберг со дури 68 милиони долари.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари