logo
logo
logo

Шпански суд: Разведен пар ќе има заедничко старателство над својот миленик

Vecer | 28.10.2021

Шпански суд: Разведен пар ќе има заедничко старателство над својот миленик

Шпански судија одлучи да додели заедничко старателство на разведена двојка која побарала од судот да определи со кого нивниот миленик, кучето Панда, треба да продолжи да живее.

Судот во Мадрид оцени дека двете страни се подеднакво одговорни и треба да продолжат да се грижат за нивното куче Панда.

Шпанија во моментов подготвува нацрт на нов закон според кој животните повеќе нема да се сметаат за „предмети“, туку легално ќе бидат признати како живи суштества.

Овој статус ќе го олесни судскиот спор кога еден од партнерите ќе побара заедничко старателство над миленикот по разводот.

Шпанската двојка како доказ на судот ги доставила договорот за посвојување, сметките за ветеринарната служба и фотографиите на кои двајцата се сликани со кучето.

Панда отсега ќе поминува еден месец наизменично со едниот или другиот старател.

Судијата оцени дека „доказите во постапката откриваат интимна врска меѓу двајцата тужители и кучето достојно за законско старателство“.

Во Велика Британија, кучињата според законот се сметаат за неживи суштества, односно предмети како што се автомобили, куќи или други лични предмети. Случаите за старателство се сведуваат на одредување кој е единствениот сопственик.

Во Австралија не постои закон за тоа какви одлуки треба да донесат судовите по раскинување или развод на двојка кога станува збор за домашни миленици.

Французите го променија својот закон во 2014 година.

Според него, миленичињата се сметаат за „живи и чувствителни суштества“, а не за „подвижни добра“. Новиот статус за француските миленичиња значи дека во парниците за развод паровите имаат право да се борат за заедничко старателство.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk