Завесата на 51. издание на Мајските оперски вечери ќе биде спуштена вечерва, а крајот на оваа манифестација е резервиран за „Аида“ на Џузепе Верди. Улогата на Аида овојпат и’ припадна на неверојатната Марија Јелиќ од соседна Србија, сопран, која домашната публика веќе одлично ја познава. Македонија е нејзина омилена дестинација, и не само професионално, туку и приватно – срцето ја влече овде, бидејќи таа е половина Македонка.

Марија Јелиќ, сопран, е родена на 23.2.1993 година во Белград. По Математичката гимназија  завршува ЕТФ на Универзитетот во Белград и продолжува да учи пеење кај првенката на операта на Народниот театар во Белград Јасмина Трумбеташ-Петровиќ. Во 2017 поминува аудиција во Народниот театар во Белград за оперско студио и почнува да пее млади, средни и главни улоги во оперските продукции. Во меѓувреме магистрира и оперско пеење. Нејзин ментор е оперската примадона од Метрополитен опера Џенифер Рули…

Со насмевка која плени, неодолив шарм и харизма која “ве купува на прва“ Марија е млада жена со која може да зборувате бесконечно долго и во ниту еден момент нема да ви биде здодевно. Нетипичен пример на својата генерација, но пример од кого може многу да се научи. Пример кој ги руши предрасудите и стереотипите. Професионално пребукирана, но приватно млада жена која вели се’ доживува како уживање и затоа е успешна. А нејзина љубов не е само операта, од страна на порталот бизнис.рс е избрана за женски лидер, односно еден од најдобрите женски лидери во бизнисот и има софтвер кој се вика Опера и се продава и во Србија и надвор од неа и развива одредени апликации кои работат со сензори. Вели, ако не уживате во работата, ако тоа не ви е игра, не игра во смисла на непрофесионално работење, туку уживање, радост, тогаш имате голем проблем.

„Затоа што се будите, одите на работа и гледате само што побрзо да завршите, а не е тоа поенатата, туку за секој момент во таа работа да ве исполнува мора да биде добра енергијата,“ вели Марија, која нашата земја ја доживува како своја втора татковина, и со причина е така.

Марија Јелиќ: Македонија ја доживувам како моја втора земја, бидејќи мајка ми е Македонка и сиот мој живот многу често доаѓам овде. На годишно ниво многу време поминував овде, целиот распуст кога бев мала го поминував во Скопје и во Градско, каде што живееја баба ми и дедо ми. Уште како мала ја имам поминато цела Македонија, од Охрид каде одев и на Охридско лето и ги гледав 2Челос и други концерти на класична муизка во Света Софија, потоа Стоби каде се сеќавам имаше драмски фестивал, па по неколку дена секој ден одевме таму. Така Македонија е моја, пред сѐ, втора земја и секогаш се радувам кога ќе дојдам овде затоа што гледам многу мои роднини, овде имам и прекрасни пријатели. Го имав тоа задоволство и чест пред две години да пеам и на отворањето на Охридско лето, минатата година да имам концерт. Отсекогаш сум сонувала да настапувам на Охридско лето и тоа често им го кажувам и на моите пријатели – би сакала да имам концерт и во Света Софија. Таму вежбав секој пат кога бев дел од Охридско лето затоа што акустиката е неверојатна и тоа место некако е мошне инспиративно и според мене поинакво од целиот Охрид. Среќна сум што сум овде, што ја имам Аида на затворањето на Мајските оперски вечри, со еден многу добар каст, со добра поделба и се радувам што претставата е распродадена.

Двете најголеми културни манифестации кај нас остануваат запишани во Вашата биографија, колку тоа ете како на половина Македонка Ви значи?

Марија Јелиќ: Многу, затоа што како што реков овде можат да ме видат моите роднини, моите пријатели и сосема е поинаков односот кога знаете дека во публиката имате свои луѓе. Пеам навистина насекаде, сум пеела во преку 15 земји, од Италија, Германија, Русија, Кина, Израел, ЈУжна Америка… Сум пеела и со светски имиња од Пласидо Доминго, Елина Гаранча, Хозе Кура… и едноставно некогаш кога долго пеете, да речам во текот на годината влегувате малку во рутина, но кога ќе дојдете на вакво место тогаш тоа има посебно значење за вас и посебна инспирација. Мајските оперски вечери и Охридско лето дефинитвно спаѓаат во најпрестижните фестивали во Европа, многу ми е мило што гледам дека со години тие манифестации имаат многу квалитетни уметници. Прво и двете многу долго траат, и тоа е навистина една голема традиција и нема што друго да се каже.

Во една прилика имате изјавено дека Аида е Вашата омилена опера, сега сте дел од неа. Ја споменавте и добрата поделба, сега освен со гостинските имиња на сцената ќе застанете и со Игор Дурловски, што мислите за македонските колеги и македонската сцена воопшто?

Марија Јелиќ: Мислам дека се навистина фантастични. Го познавам Ѓорѓија Цуцковски со кого, исто така, сум пријател. Игор сега го запознав и е неверојатен. Знам за вашата најпозната певица во светски рамки Ана Дурловски, која е навистина фантастичен сопран, Дејан Прошев кој е познат режисер, Бисера Чадловска која е одличен диригент… Генерално дома имате навистина добри пејачи и, според мене, ова е навистина една од најдобрите оперски куќи во регионот. Тоа го гледам според кавлитетот на ансамблот и навистина голема е честа што сум овде. Не затоа што Аида е моја омилена опера, и Тоска ја сакам и дебитирав со неа минатата година, мислам дека севкупниот квалитет на ансамблот и хорот се на едно мошне високо ниво.

Велите дека сте млада и на почетокот од кариерата, ако вака изгледа почетокот тогаш можете ли да замислите каков би бил крајот?

Марија Јелиќ: Тоа само можете да го замислите ха, ха, ха… И понатаму мислам дека сум на почетокот затоа што имам страшно високи цели. Знаете како, секогаш тие цели мора да ги следи континуирана работа и залагање, но сето тоа оди некако во зависност од тоа како вие психолошки растете во себе. Затоа што ние уметниците имаме една, да кажам, мошне специфична ситуација, уметноста која ја создаваме нема да биде вистинска доколку не е психолошки и енергетски поткована. Значи, сето тоа што го изведувате морате во себе да го почувствувате и да го освестите какви се тоа психолошки ликови. Едно е глумата, но уметниците се разликуваат по тоа што некои ја глумат емоција, а некои навистина ја доживуваат и ја пренесуваат на публиката е во тоа е поентата. Навистина сум имала можност многу големи уметници да видам и со нив да разговарам и да настпувам и тоа го имам видено кај нив. Кога пеат нивниот збор го следи енергијата која навистина ја имаат, чувствуваат и даваат низ тоа пеење. Сосема поинаква димензија во пеењето.

 

МАТЕМАТИЧКАТА ГИМНАЗИЈА МИ ЈА ДАДЕ ОСНОВАТА ЗА РАЗБИРАЊЕ НА СВЕТОТ, А ЕТФ МЕ МАУЧИ ДА БИДАМ УПОРНА

 

Вие сте млада, ќе речам мошне забавна жена, постојано сте насмеана, топла… притоа имате и импресивна биографија и портфолио, но и уште поимпресивна биографија кога е образованието во прашање – математичка гимназија, електротехнички факултет…

Марија Јелиќ: Мастер, па сега сум на докторски студии на ЕТФ… Некој сум кој многу се образувал и кога е пеењето во прашање, одев на енормен број часови и менторства во странство и навистина сум работела со луѓе кои имаат сериозни кариери и од кои го насобрав тоа знаење. Математичката гимназија, да речам, ми ја даде основата за разбирање на светот, ЕТФ ме научи да бидам упорна во животот и да не се откажувам, бидејќи не можете да го завршите ако не сте упорни, настрана сега да ја споменам спосбноста за учење и некој талент. Најважна е упорноста. Таа карактеристика е всушност најзначајна за секој факултет и научив одредени обрасци на согледување на работите кои многу ми помаагаат во пеењето. Зтаоа што јас во пењето пристапувам на понаков начин. Не сакам само да земам да ги прочитам нотите, да го разбереам текстот и да почнам да пеам. Многу размислувам за тие психолошки ликови и за нивните судбини. И за општетсвениот контекст во кој се одиграло даденото дејство. Не е исто дали е Мими во „Боеми“ по француската револуција кога студенитите се бунат и немаат генерално никаква можност за живот, односно немаат средства за живот, не е ни иста емоцијата на Аида која е, исто така, несреќна жена на која Египќаните ѝ го заробиле таткото и се нашла во земја каде е слуга, а таа е принцеза од Етиопија, а се наоѓате во ситуација да видите дека луѓе играат сѐ исто, и даваат емоции, а суштински контекстот и приказната не се исти, па тогаш е многу важно да бидеме доволно образувани, да ги разбираме, пред сѐ, историјата, социологијата, психологијата. Да разбираме донекаде дури и антропологија, да го сфатиме развојот на човекот во различни фази на историските епохи, затоа што само на тој начин можеме единствено да ја најдеме вистинската емоција која ќе ѝ ја пренесеме на публиката, во тоа се разликуваат уметниците.

Дали публиката умее да препознае дека пристапот не е само технички?

Марија Јелиќ: Мислам дека да, но тука повторно имаме и друго гледиште – публиката на која ѝ се претставуваме. Прво, каде се наоѓаме и колку таа публика е образувана и колку е традиционално насочена да слуша, на пример, опера. Затоа што сметам дека нашите земји кои се земји во транзиција ја немале таа можност двесте или триста години својата публика да ја образуваат и да креираат генерации кои ќе одат во театар и ќе слушаат опера. Кога вие имате еден мошне мал број луѓе кој оди и слуша опера, на овој начин низ фестивали, низ носење странски уметници кои се квалитетни вие им помагате на луѓето да ја согледаат операта на поинаков начин и тие ќе доаѓаат. На Мајските оперски вечери беа продадени сите настапи, што само покажува дека имаат задоволитено добар ниво, а, од друга страна, дека прават добар маркетинг, што и да правиме ние доколку немаме добар маркетинг што ќе го продаде тоа не сме направиле ништо. Сепак живееме во време на капитализам, но суштината е дека децата мораме да ги едуцираме од основното училиште.

 

СРЕЌНА СУМ

 

Парелно со природните науки изучувавте и пеење, имавте и школа за деловни вештини, па ИТ компанија… Со оглед на тоа дека сте млада жена, наоѓате ли време, би рекла, за живот?

Марија Јелиќ: Секако, па не е поентата на животот само да се работи ха, ха, ха… Секогаш го велам тоа и излегува како да се шегувам, а впрочем не се шегувам затоа што доаѓате во одредена ситуација и сфаќате што ви се проритети во животот. Мора да ги подредите приоритетите. Знам дека живееме во брзо време каде секој сака да го достигне максимумот, да заработи повеќе пари и тоа сѐ е легитимно, но едноставно кога ќе поминете одредени фази во животот сфаќате дека сепак е најважно во дадениот момент да сте среќни, во спротивно џабе ви е сѐ.

ЗА ЉУБОВТА како непресушна инспирација…

Марија Јелиќ: Сите ние нешто жртвуваме заради љубов, заради некој успех. Сметам дека ако љубовта е вистинска не треба што било да се жртвува затоа што секогаш постои компромис и мора да има големо разбирање.

Која е улогата на која сте горда, а која е Ваш сон?

Марија Јелиќ: На пример, горда сум на таа улога Тоска на Пучини што прв пат ја пеев минатата година со одличниот Жељко Лучиќ, психолошки многу ми се допадна тој лик и мислам дека вокално многу убаво ми лежи. А која ми е сон? Ги имам многу. Мислам дека секоја улога која ја пеам ми доаѓа во моментот кога сум за неа подготвена. За во наредната година имам четири нови улоги за кои ме повикаа и ги учам, главно ја учам улогата кога ќе ме повикаат или кога ќе ме ангажираат за нешто и навистина тоа ми е поакзател дека со секоја улога сум пораснала психолошки и сум научила нешто за себе.

 

РОДИТЕЛИТЕ МИСЛЕА ДЕКА ЌЕ ЗАВРШАМ ПМФ ИЛИ ЕТФ И ЌЕ ИМАМ НОРМАЛЕН КАРИЕРЕН РАЗВОЈ, НО СИТЕ ГИ ЗАФРКНАВ

 

За Вашата оперска кариера е „виновна“ мајка Ви, таа како мала Ве носела во театар, сега што вели, гледано од денешна перспектива ‘згрешив што те носев’ или…

Марија Јелиќ: Моите родители отсекогаш ме доживувале како некој што е супер ученик на математичка гимназија и кој после тоа треба да оди или на ПМФ или на ЕТФ, тие мене дефинитивно ме гледаа како некоја личност која ќе има еден нормален кариерен развоен пат. После ЕТФ да се вработи во некоја фирма и тоа е тоа. Меѓутоа ја сите ги зафркнав затоа што им реков, па не можете вие да ми го креирате животот, јас си го креирам сама, а ваше е да ви се допадне или не. Што да ви правам ќе морате да се навикнете. На почетокот, велам, не ме сфаќаа сериозно. Кога на 15-16 години им велев дека ќе бидам оперска пејачка, мајка ми е клинички психолог, татко ми е социолог, професор на Белградскиот универзитет, тие си мислеа дека, веројатно, не сум нормална ха, ха, ха… Затоа што многу е тешко, знаете има многу луѓе што завршуваат пеење и или работат во хор или не работат никаде, стануваат солисти, некои се задржуваат и работат во театар и тоа им е тоа. Некои од нив одат па пеат понекогаш некаде, едноставно тоа е некој пат кој повторно, не се виновни тие луѓе, ним постсоцијалната транзиција тоа им го всадила во главата. Тоа се генерации кои ќе се вработат и Бог да ги види, а ние живееме во друго време, ние сме во капитализам и јас им реков ‘слушајте ќе пробам ако пропаднам ќе ви се јавам да се вратам’ така сега се тука каде што се. Татко ми редовно кога пеам некаде низ светот доаѓа, всушност доаѓа каде што му се допаѓа. А мама, исто така, е среќна што пеам и што тоа ме исполнува, но паралелно со тоа и понатаму се бавам со мојата професија и секогаш барам некој баланс. После неколку години, ако паметно управуваш, тогаш доаѓаш до ситуација да сфатиш дека не е сѐ во твоите раце и дека мораш да научиш да делегираш и тогаш и ни немаш многу работа.

Ако се сретнете со некој кој не Ве познава, што ќе му кажете јас сум Марија Јелиќ оперска пејачка или Марија јелиќ, инженер?

Марија Јелиќ: Прво ќе речам, бидејќи кај нас е многу важно да кажеш дека си завршил некој тежок факултет, тогаш сите велат ‘вуааууу паметен е’, за прво да речат паметна е ќе кажам: „Добар ден јас сум Марија Јелиќ, мастер инженер по електротехника и компјутерство и студент на докторски студии на ЕТФ при Универзитетот во Белград. А покрај тоа, она што повеќе го сакам е да сум оперска пејачка, но само сакав да ве фасцинирам ха, ха, ха…

(А.Т.)