logo
logo
logo

Регионален саем „Убавините на регионот Шара – Кораб – Коритник“ на Попова Шапка

Vecer | 28.09.2022

Регионален саем „Убавините на регионот Шара – Кораб – Коритник“ на Попова Шапка

Во рамки на проектот „Одржлив развој на регионот  Шара, Кораб, Коритник“, кој обединува 14 помали проекти на планинискиот масив што се протега низ Македонија, Косово и Албанија, денеска беа претставени грантистите преку регионален саем „Убавините на регионот Шара – Кораб – Коритник“.

Во организација на Македонското еколошко друштво и платформата „Пријателите на Шара“ тие 14 проекти се спроведуваат во трите држави и се поврзани со цел развој на туризмот, сточарство, пчеларство, култивирање, локални изработки, локална храна, сувенири поврзани со билки, културна програма на традиционални песни и ора и слично.

-Утрово имавме една донаторска, средба или тркалезна маса на која ги поканивме сите активни организаци, донатори, кои што со години се присутни во регионот, меѓутоа, и некои понови донатори и организации кои со самото прогласување на Шар Планина за национален парк, се активираа во овој регион и се заинтересирани да поддржат проекти и прекугранична соработка во трите земји, како едно подрачје со биодиверзитет и подрачје во кое навистина е важно да се вложува, не само во поглед на заштита на природата, туку и во поглед на поддршка на локалното население и подобрување на социо-економските услови за живот, изјави Фросина Пандурска Драмиќанин од Македонско-еколошко друштво.

На регионалниот саем преку 14 штандови, истиот број на модел проекти се претставија пред јавноста.

-Вториот настан е еден голем празник на нашата долгогодишна работа, бидејќи го претставуваме најдоброто од регионот. Многу е значајно што на некој начин со овој настан ги собираме, сите оние различни групи, почнувајќи од локалното население, понатаму до заштитените подрачја, до општините, и на крај институциите кои што имаат интерес да соработуваат меѓусебе и да го дадат својот придонес кон регионален развој, изјави Фросина Пандурска Драмиќанин.

Од 14-те проекти земјава ја претставуваат четири.

-Едниот е Инфо центар за Шар Планина, при Планинарски клуб „Љуботен“, тој од мај функционира како посебна туристичка точка, каде што сите туристи можат да добијат информации за она што  е присутно на теренот, почнувајќи од планинарски патеки па се до купување на локална храна, освен сувенири во самиот центар се изложени и контакти од нашите останати луѓе поддржани од нашиот проект, каде може да се набави убав шарпланински мед, каде може да се купи шарпланинско сирење итн. Имаме штанд од две основни училишта од Гостивар каде во рамките на овој проект беа поддржани ботаничките градини, како и локална храна од страна на сточарите и пчеларите коишто се поддржани во рамки на проект кој го спроведува Центарот за едукација и развој „Дива перуника“ организација од Скопје, изјави Пандурска Драмиќанин.

Фондацијата „Еуронатур“ од Германија повеќе од десет години ги поддржува овие проекти во трите држави. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk