logo
logo
logo

Редовното вежбање за 50 % ја зголемува ефикасноста на вакцинацијата

Vecer | 05.05.2021

Редовното вежбање за 50 %  ја зголемува ефикасноста на вакцинацијата

Резултатите од новата студија на Универзитетот во Глазгов покажаа дека редовното вежбање го зајакнува имунитетот, го намалува ризикот од болести и смрт од заразни болести и значително ја зголемува ефикасноста на вакцинацијата.

Ако редовно вежбате, шансите да имате повеќе антитела од некој што е помалку физички активен се дури 50 проценти, тврдат британски научници.

Веќе е познато дека физичката активност е еден од најефикасните начини за спречување на хронични заболувања, заедно со здравата исхрана и прекин на пушењето. Студија од 2008 година открива дека физичката неактивност е одговорна за повеќе од пет милиони предвремени смртни случаи секоја година, пишува Индипендент.

Студијата на професорот Себастијан Частин и колегите од Универзитетот во Глазгов, ги вклучија сите достапни докази што го поврзуваат ефектот на физичка активност и ризикот од морбидитет и морталитет од заразни болести како што се пневмонија (честа причина за смрт од Covid-19), за функционирањето на имунолошкиот систем и за резултатот од вакцинацијата.

Частин изјавил дека студијата е спроведена многу порано, односно на самиот почеток на пандемијата, така што не вклучува истражувањата поврзани со ковид-19, но тврди дека наодите се многу релевантни за одговорот на сегашната пандемија.

Нашите сознанија се важно откритие за потенцијалното дејствување и одговор на пандемијата во иднина, рече Частин, додавајќи дека достапноста на вакцините инспирира надеж дека пандемија ќе заврши наскоро.

30 минути вежбање пет дена во неделата го намалува ризикот од заболување и умирање од заразни болести за 37 проценти.

Врз основа на шест засебни студии со повеќе од половина милион учесници, утврдено е дека триесет минути физичка активност, пет дена во неделата, покажаа 37% намалување на ризикот од разболување и смрт од заразни болести.

Пронајдовме сигурни докази дека редовната физичка активност го зајакнува имунитетот. На извршени над 35 независни рандомизирани контролни испитувања, се покажа дека редовната физичка активност резултира со покачени нивоа на имуноглобулин (антитела) IgA.

Имуноглобулините (антителата) се протеински молекули создадени од имунолошкиот систем како одговор на влегувањето на туѓа супстанца во организмот (антиген). Постојат пет класи на имуноглобулини: IgA, IgM, IgG, IgE и IgD.

IgA се произведува на мукозните мембрани на цревниот и респираторниот тракт. Тајниот IgA се наоѓа во секретите на бронхиите, цревата, пот, солзи и колострум и ги штити цревните и респираторните патишта од вирусни инфекции. Значи, ова се антитела кои ја покриваат слузницата на нашите бели дробови и другите делови од телото во кои можат да навлезат вируси и бактерии.

Честејн потсетува дека редовната физичка активност исто така го зголемува бројот на ЦД4 + Т-клетки кои се одговорни за алармирање на имунолошкиот систем за „надворешен“ напад и за регулирање на неговиот одговор на бактериите и вирусите.

И, конечно, во рандомизирани контролни испитувања спроведени од Честеин и неговите колеги, вакцините се покажаа како поефикасни доколку се даваат по спроведувањето на програмата за физичка активност. Имено, забележано е дека физички активните луѓе имаат дури 50 проценти поголема веројатност да развијат поголем број антитела по приемот на вакцината во споредба со некој што не е физички активен.

Овие откритија, посочуваат научниците, би можеле да им служат на владите и здравствените работници како едноставен и ефикасен начин за зајакнување на кампањите за вакцинација.

Како физичката активност го потиснува развојот на болеста

Постојат три механизми што ја прават физичката активност ефикасен лек за заразни болести.

Како прво, штити од ризик фактори за развој на тешки и фатални инфекции. Физички активните луѓе имаат помала веројатност да развијат гојазност, дијабет , респираторни и кардиоваскуларни заболувања. Епидемиолошките студии покажаа дека луѓето кои страдаат од овие состојби многу потешко се справуваат со ковид-19 и други респираторни заразни болести.

Не треба да се заборави дека физичката активност го намалува стресот и хроничното воспаление, што пак влијае на помалата веројатност за развој на инфекции со фатален исход. Повеќето смртни случаи на ковида-19 и пневмонија се резултат на неконтролиран воспалителен одговор на организмот. И, конечно, ако сме физички активни, нашиот имунолошки систем е посилен и поотпорен.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk