logo
logo
logo

Прославата на Денот на Австралија мина со собири за поддршка на Абориџините

Vecer | 26.01.2023

Прославата на Денот на Австралија мина со собири за поддршка на Абориџините

Илјадници Австралијци денеска го одбележаа националниот ден со собири за поддршка на припадниците на домородното население, од кои многумина ја опишуваат годишнината од влегувањето на британската флота во пристаништето во Сиднеј како „Ден на инвазијата“.

Националниот празник на Австралија на 26 јануари го означува датумот кога британската флота заплови во пристаништето Сиднеј во 1788 година за да основа казнена колонија, сметајќи ја земјата ненаселена и покрај присуството на домородна заедница.

Голем собир се одржа во Сиднеј, во Нов Јужен Велс, но и во други големи градови низ Австралија.

Во својот говор по повод Денот на Австралија, премиерот Ентони Албаниз за време на церемонијата на подигнување на знамето им оддаде почит на Абориџините кои, според некои проценки,  ја населуваат земјата најмалку 60.000 години.

– Да ја почитуваме уникатната привилегија што го споделуваме овој континент со најстарата непрекината култура, рече Албаниз. Но, тој додаде дека иако ова е „тежок ден“ за домородните Австралијци, датумот на националниот празник нема да се промени.

Според годишната анкета на Рој Морган, две третини од Австралијците го поддржуваат 26 јануари како национален ден, додека останатите го гледаат датумот како „Ден на инвазијата“.

Многу демонстранти на собирите во неколку градови беа облечени во црно во знак на жалост, а некои носеа знамиња на Абориџините и натписи „Промени го датумот“.

Минатата година, на 26 јануари, во Мелбурн, споменикот на капетанот Џејмс Кук, кој пристигна во Тихиот Океан пред 253 години, предизвикувајќи британска колонизација на регионот беше испрскан со црвена боја.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk