logo
logo
logo

Поставен нов покрив на црквата Света Петка во Вратница, следи реставрација на фрескоживописот

Vecer | 06.12.2022

Поставен нов покрив на црквата Света Петка во Вратница, следи реставрација на фрескоживописот

Црковниот одбор информира дека благодарение на донациите на граѓаните на Вратница и останати граѓани, пријатели и роднини, правни субјекти од регионот, сограѓани од дијаспората, посебно од САД – во целост се исплатени сите договорени суми со фирмите изведувачи на кровната конструкција и реставрација на ѕидовите.

-Во координација на Црковниот одбор и нашиот сограѓанин Душко Синадиноски од САД, се реши проблемот со финансирање на реставраторските активности на целокупниот фрескоживопис на Црквата. Доброволно се јавија оваа фаза да ја финансираат тројца наши сограѓани од САД, за што Црковниот одбор им изразува голема благодарност. Црковниот одбор им се заблагодарува на сите донатори и активисти кои помогнаа во реализацијата на овој проект од суштинско значење за Вратница, информираа претставници на Црковниот одбор при Света Петка.

Со оглед на многу лошата состојба на целата живописна површина било одлучено да се преземат реставраторски и конзерваторски работи кои ќе го заштитат културно-историското наследство од натамошно оштетување и распаѓање.

-За таа цел, Црковниот одбор во координација со неговото високо правосвештенство Владиката Јосиф, разгледа неколку опции за изведување на овие активности. По добиените понуди, одборот реши да го ангажира Ателјето Серафим од Скопје под раководство на магистерот во областа на реставраторството, Дејан Крстевски. Со ателјето е потпишан договор за цената и интензитетот на работите околу реставрацијата, информираа од Одборот.

Целиот реставраторски зафат ќе чини 20 500 евра, потпишан е договор за отпочнување на работите и исплатена е првата рата. Активностите ќе се одвиваат согласно временските услови, но целокупниот проект треба да се заврши до крајот на 2025 година.

Црквата Света Петка е почната да се гради 1923 година, а завршена и осветена е во 1927 година. Иконостасот, сводот и олтарот се дело на познатиот македонски зограф Димитар Андонов Папрадишки. Се смета дека Света Петка е единствена црква во Полошки крај во која фрескоживописот е дело на Димитар Андонов Папрадишки.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk