logo
logo
logo

Почина човекот кој една година боледуваше од Ковид-19: Не можам повеќе да живеам вака, го прекинувам лекувањето!

Vecer | 19.06.2021

Почина човекот кој една година боледуваше од Ковид-19: Не можам повеќе да живеам вака, го прекинувам лекувањето!

Човекот од Велика Британија кој најдолго страдаше од Ковид-19, и изминатите 14 и пол месеци помина во болница, почина откако реши да го прекине лекувањето.

Џејсон Келк (49) се зарази на почетокот на пандемијата и беше примен во болница на 31 март лани. Таму остана до сабајлево, кога беше превезен дома, каде последните часови ги помина со членовите на своето семејство.

Неговата сопруга Сју Келк (63) рече дека Џејсоновата битка станала претешка и дека донел одлука да сопре со лекувањето.

Оддавајќи ѝ последна чест на „сродната душа“ со која беше 20 години, Сју додаде: „Беше многу мирно. Дефинитивно му беше важно да замине под свои услови. Зад нас останаа многу ожалостени луѓе. Луѓето можеби не мислат дека тој беше храбар, но Боже мој, беше храбар. Навистина го мислам тоа. Тоа е најхрабро што некој може да го направи, да каже: „Не сакам повеќе да живеам вака“, рече таа.

Џејсон, кој имаше дијабетес и астма, примен е во болница на 31 март 2020 година. Разви сериозни стомачни проблеми па требаше да се храни интравенозно.

Надежта се разбуди во март годинава кога одбележа 15 дена по ред без употреба на респиратор. Му била прекината дијализата и уживал во семејните посети на отворено во кругот на болницата еднаш неделно.

Во тоа време, вели, почнал да се надева дека ќе замине дома во Лидс, затоа што сакал да седи на софата и да јаде чипс и риба со Сју и да гледа телевизија.

Но, додал: „Во неколку наврати губев надеж, главно затоа што дури и сега одредиштето кон кое одам се чини далеку.“

Џејсоновото опоравување беше толку добро што можеше да пие чај и да јаде колачиња и да се врати на една од неговите страсти – компјутерското кодирање.

На несреќа, на почетокот на мај, неговата состојба се влошила и на крај морало повторно да биде ставен на респиратор, пред да развие две инфекции.

На Сју ѝ рекол дека никогаш не се опоравил од нив целосно.

Пред три недели повторно е ставен на респиратор 24 часа дневно, а Сју вели дека во тој момент одлучил дека му е доста.

„Само сакаше да заврши сè. Антибиотиците функционираа, но неговиот дух исчезна. Мислам дека Џејсон од февруари 2020 повеќе го нема. Ова е Џејсон кој го познававме и го сакавме. Во последните неколку недели пред рецидивот како да му се разбуди надежта, но потоа „доби уште еден удар во заби“.

Сју вели дека Џејсон пред смртта бил окружен од саканите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk