Побуна во „Гугл“: Вработените даваат откази зошто компанијата соработува со војската

Се повеќе работници на „Гугл“ потпишуваат петиција со која од работодавецот бараат да не се вклучува во бизниси со војувањето, а наводно, некои од нив отишле и подалеку и си дале отказ во знак на протест против соработката со американската војска, пишуваат светските медиуми.

Околу 4.000 вработени во „Гугл“ наводно ја потпишале петицијата која почнала да циркулира низ компанијата пред три месеци, а всушност претставува барање до интернет гигантот да не ја користи вештачката интелигенција со цел американските воени дронови да се програмираат за прецизно распознавање на целите кои ги следат.

Веб-страницата за вести од областа на технологијата „Гизмодо“ објави дека неделава десетина работници одлучиле да дадат отказ од етички причини.

Од „Гугл“ веднаш не одговориле на медиумските прашања за т.н. проект „Мавен“ во рамките на кој инженерските и машински познавања наводно се користат за разликување на луѓето од објекти во видео снимките направени од беспилотни летала, кои се користат за потребите на Министерството за одбрана на САД.

„Веруваме дека компанијата не треба да биде вклучена во проекти поврзани со војување“, се вели во петицијата, чија копија беше објавена на интернет.

„Токму поради тоа бараме повлекување од проектот Мавен и Гугл повторно да го скицира, објави и спроведе на дело начелниот став дека компанијата и нејзините соработници никогаш нема да развиваат технологија за воени потреби“, стои во петицијата.

Петицијата, меѓу другите, добила поддршка и од Фондацијата за електронски граници (ЕЕF), активистичката група за права на интернет и Меѓународниот комитет за контрола на роботизирано оружје (ICRAC).

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари