logo
logo
logo

По четири дена неделно на фарма, така се учи земјоделство во Швајцарија

Vecer | 25.09.2022

По четири дена неделно на фарма, така се учи земјоделство во Швајцарија

Престој и работа директно на фарма, понекогаш континуирано и по две недели. Одгледување животни и растителни култури, садење, кроење, орање, копање, жнеење, молзење, правење сирење или вино, управување со механизација,… Вака се учи земјоделство во Швајцарија ако по основното школо одберете тригодишно стручно образование.

Професијата е атрактивна и годишно привлекува по околу 1 000 млади луѓе.

-Секоја година по 1 000 млади луѓе во нашата земја го почнуваат стручното земјоделско образование. Тоа е, помалку или повеќе, бројот што ни треба. Земјоделството е атрактивна професија кај нас, иако подразбира посветеност, многу работа и плати кои не се исти со оние на канцелариските струки. Многу млади се заинтересирани да изучуваат земјоделство зашто вистински сакаат природа, животни. И не се откажуваат иако знаат дека тоа значи станување рано, останување доцна во ноќта – едноставно се свесни дека произведуваат храна, а тоа е многу важна, значајна мисија, вели Петра Зигарт од швајцарската Асоцијација на фармери.

На Швајцарија, нагласува Зигарт, и се потребни земјоделци – професионалци кои ќе знаат да управуваат со фармите.

-Затоа е неопходно да привлечеме што поголем број млади луѓе во оваа професија. Правиме се за да има доволно и тие да добијат најдобро можно образование. Работиме на тоа. Всушност деца на 15 – 16 години почнуваат со стручно образование за земјоделство кое, меѓу другото, може да се изведува и на курсеви или во тренинг центри. Тоа подразбира многу пракса, директно на фарма. Сите на крајот знаат горе-долу исто и стекнуваат федерална диплома, напоменува Зигарт.

Учениците, објаснува, обично престојуваат на различни фарми за да ги научат спецификите на производство – некои фарми се само со крави и произведуваат млеко, други се специјализирани за растително производство, некои се планински, други низински, трети висински,…

-Освен овој сегмент, карактеристиките на фармите, важни ни се и јазиците – сакаме младите да научат барем два од трите јазика кои се зборуваат во државава, дополнува Зигарт.

Земјоделското дуално (стручно) образование во Швајцарија посебно внимание посветува и на руралните жени. И тие можат, ако сакаат, да минат низ овој процес. Така стекнуваат диплома и „фактичка професија“. Учат како да ги манаџираат домаќинствата, но не само од финансиски аспект, туку и во однос на готвење, чистење, перење,…

-Кај нас има големи домаќинства не од по три до пет луѓе, туку со цели генерации семејства. Жените обично се грижат за работата во домот, но и на фармата. Тоа отсекогаш го правеле, но немале диплома, никаква „хартија“. Сега не е така, нагласува Зигарт.

Швајцарското стручното образование во земјоделството е партнерски организирано и поддржано од конфедерацијата, кантоните и професионалните организации. Конфедерацијата е одговорна за законодавството, за менаџирање и развој, кантоните тоа го имплементираат и вршат супервизија, додека професионалните организации ги креираат едукативната содржина и местата за обука (тренинг).

Секој кантон има свои земјоделски школи и сам одлучува како ќе ја менаџира образовната програма, а главни тренинг-центри се фармите.

-Треба да се храни светот, треба да ја нахраниме Швајцарија и ние токму тоа го правиме – произведуваме храна, подвлекува Зигарт.

Со Зигарт имавме можност да поразговараме на саемот „SwissSkills 2022“ во Берн. Неизбежно беше и прашањето за глобалната криза со храната. Нејзиниот став, како експерт за земјоделство, е дека храна во светот има доволно за сите, но клучен проблем е дистрибуцијата. Посебно сериозно прашање, додаде, е и фрлањето храна.

Додека ни го објаснуваше швајцарскиот стручен модел на образование, млади се обидуваа да возат трактор, да молзат крави, да дестилираат вино,…

-Може да видите крави, вистински растенија, механизација. Имаме се за да им покажеме на младите како изгледа една фарма и што сè работиме. Може да се качите и да повозите трактор или некоја друга машина што е многу значајно за нашата професија, рече Зигарт.

Факултетот за земјоделство во Швајцарија е пет години и порано имал најмалку шест месеци пракса. Денес, повеќето со факултетски дипломи, како што вели Зигарт, работат во администрација. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk