Диана Костадинова, офицер за цивилно воена соработка на кампусот, појасни за МИА дека донацијата се состои од 150 војнички маренди и собрани пластични шишиња.
Таа потсети дека на кампусот учествуваат питомци од воените академии на 16 држави. Македонија, Албанија, Австрија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Германија, Италија, Косово, Литванија, Норвешка, Полска, Романија, Соединетите Американски држави, Унгарија, Хрватска и Црна Гора.
Карло Иванковиќ од Хрватска информираше дека во Пепелиште се две седмици, работат тимски, разменуваат искуства и стекнуваат нови пријателства.
– Истовремено ја запознаваме локалната култура и даваме придонес во локалната заедница. Сето ова ќе ми остане во убаво сеќавање, рече Иванковиќ.
Питомецот на македонската армија, Ристе Голчев нагласи дека Армијата е од луѓето, за луѓето. Тој соопшти дека традиција е, на армијата и на летниот кампус, за време на теренски активности, секогаш да се помага на заедницата.
Аделина Стан од Романија беше децидна дека заедно одговараат на сите предизвици и создаваат пријателски врски помеѓу питомците, кои траат. Таа изрази задоволство од можноста, покрај во воено вежбовни, да учествува и во хуманитарни активности.
– Се откажавме од нашата маренда, за да ја донираме и со тоа да предизвикаме насмевка, кај оние коишто имаат потреба од наша поддршка, додаде Стан.
Од „Порака” изразија задоволство од соработката и дружењето со питомците кое е традиција години наназад.