logo
logo
logo

Пирографија, живопис на дрво што му дава безвременски лик

Vecer | 25.06.2022

Пирографија, живопис на дрво што му дава безвременски лик

Икони на разни светители, логоа на компании, портрети, ликови од детски серии, сѐ тоа речиси совршено идентично, а уникатно по стил и изработка, го работи тивко и со часови под сенката на родните дрвца во дворот на куќата во Крива Паланка.

Техниката навидум е едноставна, но исклучително прецизна и комплексна бидејќи го гори дрвото и не постои можност да се коригира лесно, освен со повторно преобликување на целиот површински слој.

– Скоро триесет години го негувам ова хоби, кое е благородно, зашто го облагородува дрвото и му дава белег, значење и важност. Првпат, кога видов ваква изработка, ми се допадна и ми беше предизвик да се обидам и јас да создадам такво дело, но беше многу тешко да се набави пирографски апарат, па со години се трудев да купам. Благодарение на еден пријател, го набавив од Германија и истиот ден-денес го користам, а досега се правени многу поправки. Треба да се има уметничка душа, јас сум наивец, ама многу брзо го совладав правењето прирографски слики, за што сигурен сум, не е лесно секој да го прави, вели Димитровски.

Најчесто создава икони, бидејќи и најмногу му ги бараат, но има направено по нарачка разни натписи на фирми, декорации, логоа, портрети, сувенири, меѓу кои и познатиот кривопаланечки симит.

– Моите изработки красат бројни домови во земјава и странство, тоа е она што ме прави среќен. Покрај тоа што му даваме нова намена на дрвото, таа изработка е вонвременска, нема рок на траење, не е кршлива, не го загадува домот, средината во која се поставува. Станува збор за природен материјал, премачкан со лак за дрво, заради сјај, по желба на купувачот и е сосема лесно да се одржува, само се брише со крпа. Најмногу го имам исцртано манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, за туристи, странци, ама и нашинци, иселеници, во разни краишта низ Европа и светот. По повод некои прослави, имендени, слави на мои блиски пријатели и роднини, носам подарок икона, моја изработка, а тие со гордост ги чуваат, додаде Димитровски.

Се изработуваат на неколку вида дрво, најчесто на бела бреза, но и на орев, даб.

– Сѐ потешко е да се најде соодветно дрво за изработките. Треба да биде мазно, да нема многу чворови и да не се распукани, а и не е евтино. Оревот го работам само по нарачка, доколку некој има посебна желба за одредена слика. Имам исцртано неколку трпезариски маси, како и други делови од мебел. Тоа ги прави уникатни. Сега повторно се враќа во мода дрвото, стиловите на уредување и на угостителските објекти и на домовите преовладуваат со комбинација дрво и метал, па се надевам повторно ќе има можност да се работи, бидејќи ова не е нешто исплатливо, вели Димитровски.

Во ковид-пандемијата, рече, ова негово хоби го одржало поспокоен, особено во текот на викенд-карантините, но и во сиот долг период на изолација од контакти заради заштита на сопственото здравје и на сопругата, со која живеат сами.

– Се радувам како дете секогаш кога ќе изработам ново дело. Дрвото поминува процес на сечење, облагородување, па дури потоа е спремно за работа, а некогаш кога ќе го видам знам што сакам да изработам. Го имам изработено и заедничкиот портрет со сопругата, од младоста, овековечен со пирографија, која не бледее. Многу драго ми беше кога добивав нарачки од владиката, покојниот г. Кирил, да изработам икони и сувенири, симитчиња, како привезок и крстови за потребите на манастирот, како и мали насликани симити со мотив од манастирот. Сега гледам, неодамна имаше иницијатива за возобновување на производството на познатиот, оригинален вкусен кривопаланечки симит, така што, доколку се поттикне тоа, ќе се актуализира и изработката на симитот како сувенир на градот, рече Димитровски.

Ги следи трендовите и активен е на социјалните мрежи, така што, ако некој сака да има во својата домашна колекција вакви или слични уникатни изработки, рачно изработена пирографска слика, може да се обрати кај Младен. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk