Основни правила за здрава, цврста и сјајна коса

Косата е едно од првите нешта што го забележуваме кај луѓето кога ги гледаме за прв пат. Тоа особено важи за жените. Убавата сјајна коса секогаш привлекува погледи и остава добар впечаток, но истото не може да се каже и за оштетената коса. Дури ни најдобрата фризура не може да ја прикрие запоставената оштетена коса.

Негата на косата не се состои само во купување на убав шампон и регенератор и редовно миење. За да имате здрава, цврста и сјајна коса, потребно е да знаете како да се грижите за вашата коса секојдневно.

Потстрижувајте ја редовно. Разделените краеви на косата ѝ даваат несреден изглед. Тврдењето дека потстрижувањето ќе го забрза растот на косата е само мит, но тоа не значи дека пострижувањето нема никаков ефект. Редовното потстрижување ќе ви помогне да ѝ дадете сјај и блесок на косата по целата должина. Посетувајте фризер на секои 4-6 недели.
Употребувајте соодветен шампон. Многу е важно да користите шампон наменет за вашиот тип на коса. Ако немате никаков проблем (мрсна, сува коса), тогаш најдобро е да користите нежен бебешки шампон. Бебешките шампони не содржат силни хемикалии кои можат да му наштетат на скалпот или на влакното.
Масирајте го скалпот. Додека имате шампон на косата, со врвовите на прстите масирајте го скалпот со кружни движења. Така ќе ја подобрите циркулацијата.
Користете регенератор. Употребата на регенераторот ја прави косата помека и полесна за чешлање. Ако страдате од проблемот сува коса, не ја избегнувајте употребата на регенератор. Додека косата е со регенераторот, нежно поминете со прстите низ неа. Тогаш полесно ќе ја расплетете.


Внимавајте колку и како ја чешлате. Погрешно е да си мислите дека редовното чешлање неколку пати во денот ќе ви помогне да имате сјајна и здрава коса. Со прекумерно чешлање можете само да го оштетите влакното. Користете голем број на мали кратки движења со чешелот, наместо да го поминувате целиот прамен со едно движење. Започнете со чешлање од краевите и постепено движете се нагоре. Ако имате виткана или брановидна коса, користете чешел со малку запци, затоа што четките со ситни запци ќе ги растурат оформените локни.
Никогаш не ја чешлајте косата додека е влажна. Пред да влезете да се туширате, исчешлајте ја косата. Така ќе ја отстраните нечистотијата што се наоѓа врз неа и ќе ја расплетете. Кога косата е влажна таа е посклона кон кинење. Тргањето со чешелот лесно го кине влакното. Никогаш не си легнувајте со влажна коса, затоа што во спиењето косата се трие и тоа ќе предизвика оштетување.
Внимавајте на заштитата во лето. Избегнувајте директно и долго време да ја изложувате косата под сончевите зраци. Носете капа за да го спречите оштетувањето. Пливањето во базен исто така може негативно да влијае на изгледот на вашата коса, поради големото количество хлор. Носете капа за пливање или не ја воденете косата додека сте во базен.


Внесувајте доволно витамини и минерали. Храната што ја консумирате има огромно влијание врз изгледот на косата. Недостатокот на некои витамини и минерали води до оштетување и дури до опаѓање на косата. Недостатокот на железо може да предизвика опаѓање на косата. Жените кои имаат пообилна менструација се изложени на поголем ризик од недостиг на железо.
Внимавајте што ставате во устата. Најдобрите храни за здрава и цврста коса се: јајцата, млекото и млечните продукти, рибата, јаткастите плодови, морковите, темнозелените листести зеленчуци, мешунките и зрнестите храни.
Избегнувајте екстремно слабеење. Екстремното слабеење во краток период му создава многу стрес на вашето тело. Како што вие слабеете, така слабее и вашата коса. Диетите во кои не се вклучени доволно протеини и железо или пак препорачуваат многу протеини, а малку зеленчук и овошје (како Аткинсовата диета), може да доведат до значително опаѓање и слабеење на косата. Хранете се балансирано.
Намалете го стресот. Стресот влијае како на вашето психичко, така и на вашето физичко здравје. Косата не е исклучок. Цврстината и густината на косата во голема мера зависи од стресот.
Избегнувајте ја употребата на фен, преса или фигаро. Кога и да имате можност да ја избегнете употребата на фен, направете го тоа. Оставете ја косата да се исуши природно. Ако морате да искористите фен, држете го подалеку од косата. Пресата за коса и фигарото директно влијаат со својата топлина. Користете ги што поретко. Доколку не можете да ги избегнете, пред да започнете со стилизирање на косата, врз неа нанесете силиконски капки или сличен продукт, кој барем малку ќе ја заштити косата од силната топлина.
Бојадисувањето сведете го на минимум. Користете боја за коса колку што можете поретко. Бојадисаната коса полесно се суши и ѝ е потребна дополнителна нега. Секогаш користете шампон наменет за бојадисана коса или нежен бебешки шампон.
Ставајте си маска за коса. Маските за коса ѝ ја враќаат природната влажност на косата.
Јајце. Наједноставната и најкорисната маска за коса е изматено јајце. Едноставно нанесете го јајцето на косата и оставете го најмалку 15 минути. Измијте ја косата со нежен шампон и млака вода.
Оцет. Додека ја миете косата, нанесете оцет или во леген ставете ¼ чаша оцет и дополнетe го со вода. Во него потопете ја косата. Оцетот помага косата да добие убав сјај.
Авокадо. Авокадото може да биде одличен третман за косата. Тоа содржи многу витамини, масни киселини и минерали кои ќе го вратат блесокот во вашата коса. Нанесете испасирано авокадо врз косата и оставете го да делува 20 минути. Измијте ја косата со млака вода.
Негувајте го скалпот. Освен со масажа, скалпот можете да го негувате и со масло двапати неделно. Изберете масло од бадеми, кокос или екстра девствено маслиново масло. Нанесете го на памучен тампон и намачкајте го скалпот. Оставете го да делува 30-45 минути. Потоа исплакнете со топла вода. Резултатот ќе биде помека и понежна коса.
Косата расте во просек по 1 сантиметар месечно. Ако сте под стрес, страдате од недостаток на витамини и минерали или не спиете доволно, сето тоа ќе придонесе за лош изглед на косата и за побавно растење. За да проверите дали вашата коса е доволно цврста, земете едно влакно и обидете се да го растегнете. Ако имате здрава коса, тоа ќе се растегне со 30% од својата должина пред да се скине. Доколку кај вас не е така, треба дополнително да внимавате на негата.

Правилната и редовна грижа за косата ќе резултира со здрава, цврста и сјајна коса, а тоа ќе придонесе да бидете пошармантни и женствени.

Поврзани

Најнови вести

Коментари