logo
logo
logo

Оние кои прележале корона и се вакцинирале може да се надеваат на ДОЖИВОТЕН ИМУНИТЕТ?!

Vecer | 30.05.2021

Оние кои прележале корона и се вакцинирале може да се надеваат на ДОЖИВОТЕН ИМУНИТЕТ?!

Имунитетот на коронавирусот трае најмалку една година, можеби и цел живот, со текот на времето подобрувајќи се, особено по вакцинирањето, покажуваат две нови студии. Овие откритија можат да помогнат да се смират стравувањата дека заштитата од вирусот ќе трае кратко. Студиите сугерираат дека на повеќето луѓе што оздравеле од ковид-19 и подоцна биле имунизирани нема да им треба дополнителна заштита.

Вакцинираните лица што никогаш не биле заразени најверојатно ќе имаат потреба од дополнителни дози, како и малцинството што било заразено, но немало силен имунолошки одговор, пренесува Њујорк тајмс.

Двете студии анализирале луѓе што се заразиле со коронавирусот пред околу една година. Клетките што ја задржуваат меморијата на вирусот опстојуваат во коскената срцевина и можат да ослободат антитела кога и да е потребно, покажува студијата објавена во понеделникот во списанието Нејчр. Друга студија, објавена на БиоРxив, веб-страница за биолошки истражувања, открила дека овие таканаречени мемориски Б-клетки продолжуваат да созреваат и јакнат најмалку 12 месеци по првичната инфекција.

„Трудовите се на линија на сѐ поголемата литература што укажува дека имунитетот предизвикан од заразувањето и вакцинирањето против САРС-КоВ-2 е долготраен“, рече Скот Хенсли, имунолог од Универзитетот во Пенсилванија, кој не учествувал во студијата.

Студиите може да го намалат стравот дека имунитетот кон вирусот е минлив, како што е случајот со коронавирусите што ја предизвикуваат обичната настинка. Но овие вируси значително се менуваат на секои неколку години, вели д-р Хенсли и додава: „Причината зошто често се заразуваме со обичните коронавируси во текот на нашите животи можеби повеќе има врска со соевите на овие вируси отколку со имунитетот“.

Всушност, мемориските Б-клетки произведени како одговор на инфекцијата со САРС-КоВ-2 и засилени со вакцинација се толку моќни што ги спречуваат дури и соевите на вирусот, што значи дека нема потреба од ревакцинација, изјави Мишел Нусенцвајг, имунолог на Универзитетот Рокфелер во Њујорк, кој ја водеше студијата за мемориско созревање.

„Луѓето што биле заразени и вакцинирани навистина развиваат одличен одговор, одлична група од антитела, бидејќи продолжуваат да ги развиваат своите антитела. Очекувам тие да траат многу долго“, изјави д-р Нусенцвајг за Њујорк тајмс.

Резултатот не може да биде поврзан со заштитата само од вакцините, бидејќи имунолошката меморија по имунизацијата најверојатно ќе биде организирана поинаку во споредба со онаа по природната инфекција. Тоа значи дека на луѓето што немале ковид-19 и биле вакцинирани можеби сè уште им е потребна дополнителна инјекција, рече д-р Нусенцвајг: „Ќе дознаеме многу, многу наскоро“.

По првата средба со вирусот, Б-клетките брзо се размножуваат и произведуваат антитела во големи количества. Штом ќе се реши акутната инфекција, мал број клетки се населуваат во коскената срцевина, постојано испуштајќи скромни нивоа антитела. За да ги разгледаат мемориските Б-клетки специфични за новиот коронавирус, истражувачите предводени од Али Елебеди од Универзитетот во Вашингтон во Сент Луис ја анализирале крвта на 77 луѓе во тримесечни интервали, почнувајќи околу еден месец по инфекцијата со коронавирусот. Само шест од 77 лица биле хоспитализирани поради ковид-19, другите имале лесни симптоми.

Нивото на антитела кај овие лица брзо се намалило четири месеци по инфекцијата и продолжило да се намалува полека во месеците потоа – резултати што се во согласност со оние од некои други студии.

Некои научници го толкуваат ова намалување како знак на пад на имунитетот, додека други велат дека тоа е токму она што се очекуваше. Ако крвта содржеше големи количества антитела кон секој патоген со кој некогаш телото се сретнало, таа брзо ќе се претвореше во густ талог. Наместо тоа, нивото на антитела во крвта нагло паѓа по акутната инфекција, додека мемориските Б-клетки остануваат во мирување во коскената срцевина, подготвени за акција кога е потребно.

Д-р Елебеди и неговите колеги зеле примероци од коскена срцевина од 10 лица околу седум месеци по инфекцијата со коронавирусот. Петнаесет од нив имале забележливи мемориски Б-клетки, но четири од нив немале, што укажува на тоа дека некои луѓе имаат многу малку од овие клетки или воопшто немаат.

„Ова ми вели дека и покрај инфекцијата, можеби немаме најдобар имунолошки одговор“, изјави д-р Елебеди за Њујорк тајмс. Ова откритие сугерира дека луѓето што оздравеле од ковид-19 треба да се вакцинираат.

Пет учесници во студијата на д-р Елебеди донирале примероци од коскена срцевина седум или осум месеци по првичната инфекција и повторно четири месеци подоцна. Тој и неговите колеги откриле дека бројот на мемориските Б-клетки останал стабилен во тој период.

Резултатите се особено важни затоа што е тешко да се добијат примероци од коскена срцевина, рече Џенифер Гомерман, имунолог од Универзитетот во Торонто, која не учествувала во работата.

Една клучна студија од 2007 година покажа дека антителата теоретски може да преживеат со децении, можеби дури и далеку над просечниот животен век, што укажува на долгорочно присуство на мемориски Б-клетки. Но новата студија дава ретки докази за нивното постоење, истакна д-р Гомерман.

Д-р Нусенцвајг и соработниците проучувале како мемориските Б-клетки созреваат со текот на времето. Истражувачите ја анализирале крвта на 63 луѓе што оздравеле од ковид-19 пред околу една година. Огромното мнозинство на учесници имале благи симптоми, а 26 исто така примале барем една доза од вакцините на Модерна или Фајзер-Бионтек.

Таканаречените неутрализирачки антитела, потребни за да се спречи повторна инфекција со вирусот, останале непроменети помеѓу шест и 12 месеци, додека поврзаните, но помалку важни антитела полека исчезнале, открил тимот.

Додека мемориските Б-клетки продолжиле да се развиваат, антителата што тие ги произвеле развиле можност за неутрализирање на уште поширока група соеви. Ова континуирано созревање може да резултира од мал дел од вирусот што бил изолиран од имунолошкиот систем, за, така да кажеме, стрелачки тренинг.

Една година по инфекцијата, неутрализирачката активност на учесниците што не биле вакцинирани била помала против сите соеви на вирусот, а најголемата загуба е регистрирана против сојот првпат откриен во Јужна Африка.

Вакцинацијата значително ги зголемила нивоата на антитела, потврдувајќи ги резултатите од другите студии. Вакцината исто така ја зголемила неутрализирачката способност на организмот за околу 50 пати.

Резултатите од студијата на д-р Нусенцвајг покажуваат дека луѓето што оздравеле од ковид-19 и кои биле вакцинирани подоцна, сепак ќе имаат исклучително високо ниво на заштита од новите соеви, дури и без дополнителна вакцинација.

Сите експерти се согласуваат дека имунитетот кај луѓето што никогаш немале ковид-19 веројатно ќе биде многу различен. Борбата против жив вирус е поинаква од реакцијата на еден вирусен протеин вбризган со вакцина. А кај оние што имале ковид-19, првичниот имунолошки одговор имал време да созрее шест до 12 месеци пред да биде активиран со вакцината.

„Тие кинетики се различни од тие кај луѓето што ја примиле првата доза на вакцина, а три недели подоцна повторно биле вакцинирани. Тоа не значи дека можеби немаат толку широка реакција, но може да биде многу поразлично“, рече д-р Марион Пепер од Универзитетот Вашингтон во Сиетл, која не учествувала во студијата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk