logo
logo
logo

Охрид имаТ езеро, ама имаТ и Робин ХУД! Се вика Димче и за него не постои проблем, ситуација за која нема решение

Vecer | 18.11.2021

Охрид имаТ езеро, ама имаТ и Робин ХУД! Се вика Димче и за него не постои проблем, ситуација за која нема решение

Охрид има езеро, плажи, туризам и туристи... Цркви, манастири, но таму живее и еден Робин Худ...  Не станува збор за измислен лик или замислен „фраер“, туку за човек кој несебично го дели со сите и она што го има и она што го нема. Неговото вистинско име е Димче Каневче, а неговата можеби не примарна професија, но животно мото е да им помага на другите. За себе вели, хуманоста, добробитието и добрината воопшто или ги имаш или ги немаш во себе.

- За среќа, ги имам, а всадени ми се како вредности уште од мал, кога моите ме учеле дека треба да сум благодарен на она што го имам, затоа што многу други не можеле да имаат ни дел од она што ми било овозможено (не да се претерува, но барем основните работи сум ги имал во изобилие), вели Димче, кој со хумантирана работа се бави одамна. За него не постои проблем, ситуација за која нема решение. И што е најважно не е сам, поддршка има, желба има и што е најважно љубов има.

- Секогаш сум бил и се уште сум за правда за оној кој ја заслужува, секогаш сум бил и денес сум за секој да има онолку колку што му е потребно, секогаш сум бил а и сега сум да се помогне каде што има потреба.

Така, уште од најраното детство ме имало во скоро сите активности со добротворен карактер, во школските клупи, на вонучилишните активности, во активности и акции на разни здруженија, а најмногу во Младинскииот совет, каде 20 години се вложував себеси, во средношколските и студентските активности и тоа секогаш како организатор и најчесто носител на тие активности.

Како поминуваше времето, сфатив дека не секогаш мора да сум дел од група, па почнав самоиницијативно да барам приказни на кои им треба барем навидум среќен крај.

Така, знаејќи семејства кои не можат да врзат крај со крај, почнав да организирам разни собирни акции, при што на тие семејства им обезбедував облека, обувки, покуќнина, храна, средства за хигиена, играчки... Не беше лесно, па поддршка барав од најблискиот круг со кои секојдневно функционирам, но сето тоа подолго време беше во еден ,,затворен круг,, затоа што не ми беше важно заедницата да знае за тоа што го правев. Се додека работата не ,,излезе,, од контрола.

Почнаа да ме бараат се повеќе семејства кои имаа најразлична потреба, а најмногу храна и средства за хигиена. Тогаш си го поставив прашањето ,,што сега,, по што следуваше дилемата ,,да прекинам зашто не се издржува финансиски, пред се,, или да го проширам кругот јавно, надевајќи се дека ќе има подржувачи. И за среќа, ги има/ше.

Следејќи ја мојата девиза дека на светот има повеќе добри луѓе, одлушив да продолжам. Почнав да објавувам фотографии од акциите на ФБ, секако, со предходно добиена согласност од луѓето на кои им помагав, со апел дека и други семејства чекаат на нас, па започна една нова двонасочна комуникација, се јавуваа добри луѓе кои сакаа да помогнат, наспроти семејства на кои им е потребна помош. И се беше полесно.

До денес тоа функционира така, па во активностите ме поддржуваат локални индивидуалци кои со производи, услуги или финансии ги поддржуваат моите акции, но и луѓе кои се во странство, а ги следат моите објави, кои ми праќаат финансии за некоја акција да се заврши.

Морам да напоменам дека поддршката претежно доаѓа од луѓе од некоја си средна класа, претежно непознати за мене (секако, дел се и мои долгогодишни пријатели за што секојдневно им се заблагодарувам), а многу малку поддршка добивам од компании, иако верувам и сум убеден дека многу повеќе добро знаат што правам и колку тие можат да помогнат. Но како што кажав, секоја една работа или ја имаш во себе или ја немаш, и тука нема замерки.

Колку е тешко или лесно и во околината да се „разбуди“ емпатијата на луѓето и како доаѓаш до сите оние помагатели кои се дел од твоите акции?

- Лесно е да се разбуди емпатијата кај луѓето, особене ако се земе фактот дека секој од нас не погодува различна судбина.

Кога објавувам ,,приказна,, точно знам кој од оние кои веќе помогнале повторно ќе се јават за да помогнат. На ист начин ги откривам и новите донатори до кои на некаков начин допрела  прикаската. Ќе се повторам, ако кажам дека е лесно да соработуваш со луѓе кои имаат душа, кои сочуствуваат, кои знаат што значи да немаш.

Тешко е да стигнеш до оние кај кои нема емоција, кај оние кои не ме разбираат, кај оние кои секогаш имале, без разлика како стигнале до тоа имање. Но, за среќа, секогаш сум на страна на овие првите кои се повеќе од доволни за се ова да функционира.

Не сум оптоварен со бројка, со рок, со резултат. Само сакам да стигнам навреме ако е неопходно. И иако ова го правам самоиницијативно, јас никогаш не сум сам, затоа што секогаш сум на страната на решението – не на проблемот. Нудам решение, за кое луѓето ме бараат да помогнат. Ми пишуваат на мојот личен профил на ФБ, пишуваат на страната на ,,Кај Каневче,, мојот ресторан, ме бараат на телефон, ме застануваат на улица.

Сведоци, за среќа, поретко, сме и на ситуации во кои луѓето знаат да ја злоупотребат подадената рака, ти се случила ли некоја непријатност?

- Искрено повеќе пати се преиспитувам, дали ме злоупотребиле одредени семејства, за кои можеби за момент сум се посомневал, но на крај секогаш одговорот е НЕ.

Земам предвид дека секое семејство кое е посетено има некаков проблем кој му оневозможува нормално да живее и тоа е сосема доволно да го оправдам подавањето на мојата рака.

Може ли да те злоупотреби семејство во кое нема вработени, семејство во кое има болно дете, семејство во кое 11 гладни усти секојдневно чекаат храна, еднородителски семејства кои не можат да обезбедуваат егзистенција, затоа што нема кој да ги чува децата, семејства во кои родителите се зависници од наркотици, семејства каде мајката ,,се продава,, за да го прехрани семејството, семејство каде децата немаат родители, а за нив се грижат други членови од фамилијата? Не, нема злоупотреба, сигурен сум. И мирно спијам поради тоа.

 

А која е најголемата сатисфакција после една успешно истуркана акција и што повеќе те исполнува – среќна насмевка или „тапкање по рамо“?

- Сатисфакцијата од сработеното е всушност ветерот во едрата кои ме носат напред. При секоја посета на семејство, следуваат благослови, молитви, убави желби, благодарност.

Солзите на очите на мајките, насмевките на лицата на дечињата, искреното стегање на раката во знак на благодарност на таткото, прегратката на бабата, топлината на разурнатиот дом, вредат многу многу повеќе од ,,тапкањето,, по рамо.

Одамна сум научил дека оној кој те тапка по рамо, всушност те турка надолу, така што тогаш и не одговарам воопшто. Посебно кога тие, тапкачите, се луѓе кои се моќни да направат многу повеќе со нивно вклучување во ова што го правам, макар што и самите би можеле, НО кога би сакале.

Оние на кои навистина им треба помош често и се срамат да ја побараат... Колку е лесно да се обезбеди сето она што е потребно во моментот (намирници, предмети...) и колку всушност луѓето, компаниите... се отворени за соработка?

- Луѓето имаат различни потреби. Од нивните потреби произлегуваат и моите акции за што често и им се заблагодарувам на луѓето кои нешто бараат. Почнав со донирање на прехранбени производи, но благодарение на потребите на семејствата, гајбенцата ги полнев и со средства за лична хигиена.

Благодарение на барањата јас ги започнав и акциите:

- НАХРАНИ СЕМЕЈСТВО, при што семејства, готват за семејства

- КОМПЈУТЕР ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ, каде обезбедувам уреди за следење на настава

- ДОАЃА СЕПТЕМВРИ, што значи дека секое дете треба да има ранец и училишен прибор

- ЕЛКО  ЕЛКО, акција за обезбедување новогодишни подароци и пакетчиња

- ПРАЗНИЦИ ЗА СИТЕ, при што обезбедувам празнични оброци и подароци за Божик, Велигден, Бајрам

- НАХРАНИ КУЧЕ, акции за обезбедување на храна за улични кучиња

Во периодот кога охридските болници беа полни со пациенти со Ковид-19 се наметнаа акциите за обезбедување на вода, овошје и оброци за пациентите, но и заштитни маски и регулатори за кислородна поддршка. И повторно, луѓето, индивидуалци се оние кои помагаат, многу малку компаниите. Ќе напоменам, луѓето сами ме бараат, компаниите НЕ.

Она што е добиено од одредена компанија е добиено благодарение на некој пријател кој е во компанијата или има познаник во истата. Знам дека ако лично се обратам, ќе добијам многу повеќе, затоа што познавам многу луѓе во компаниите, но поентата не е да бараш за да добиеш, поентата е да даваш без да ти побараат.

 

Ти се случила ли некоја непријатност, нешто што можеби би те поколебало во твојата хуманост?  

- Непријатности не ми се случиле, за среќа, освен ако за непријатност би се сметале неколку пораки на ФБ од луѓе кои не разбираат што правам, па бараат одговор зошто ова го правам, како и коментари од луѓе, за жал, и мои блиски кои од за нив разбирливи причини се обиделе да го омаловажат мојот активизам, како причина за себепромоиција, за реклама на приватниот бизнис, за лична корист.

Но нивниот број е занемарлив, па покрај моменталното  непријатно чувство, друго не се променило. Јас сум истиот. Нели и Робин Худ се обидувале на различни начини да го спречат, но не успеале. Хм, можеби од тука е и споредбата, па често пати ме нарекуваат охридскиот Робин Худ ха, ха, ха...

И за крај, која е твојата порака и до оние на кои им е неопходна некаква помош, но и до оние кои ете можеби имаат услови да помогнат, но досега не биле дел од ваквите акции?

- Секогаш ќе има луѓе на кои им е потребна помош. За среќа, секогаш ќе има и добри луѓе кои ќе сакаат да помогнат. Но тука се и оние кои навистина имаат услови да помогнат, но тоа од различни причини не го направиле. Е ним би им се обратил со порака: ,,Добрината не ги прави луѓето толку среќни, колку што среќата ги прави добри,,. Ако сите ја разбереме оваа порака ќе бидеме и добри и среќни.

На оние кои им е неопходна помош пак им порачувам најпрво да пробаат сами да си помогнат зашто начин има, а ако навистина не можат, тогаш да се обраќаат секаде каде што сметаат дека мож еда најдат речение за проблемот. Но никако тоа да го бараат во чекање некој да им однесе храна, облека, лекови или новогодишно пакетче. И секако тука е државата, системот... Тие треба да водат повеќе грижа, а не ја водат, но тоа е друга приказна.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk