logo
logo
logo

Нова КОВИД мутација - можно да се создала кај пациенти со СИДА

Vecer | 25.11.2021

Нова КОВИД мутација - можно да се создала кај пациенти со СИДА

Британските научници предупредуваат на нова и поопасна варијанта на коронавирусот, која е поотпорна на вакцини од сите други варијанти на коронавирусот, пишува Дејли мејл.

Како што се наведува во текстот, пронајдени се 32 мутации во шилестиот протеин на новиот B.1.1.529, од кои неколку истовремено го попречуваат дејството на антителата. Досега се идентификувани само 10 случаи на новата варијанта, а за првпат била вклучена во базата на податоци на 11 ноември.

Три случаи се откриени во Боцвана, шест во Јужноафриканската Република и уште еден во Хонг Конг, каде што вирусот е откриен кај маж кој пристигнал од Јужна Африка пред две недели.

Засега нема информации дека новата варијанта може да биде многу заразна и да се шири толку брзо како моментално доминантната – Делта.

Вирологот на Империјал колеџот, Том Пикок, е првиот што се јави на Твитер да обрне внимание на B.1.1.529. Според него, оваа варијанта на новиот коронавирус има „протеинска структура со навистина ужасен профил на мутација“.

„Неверојатно високиот број на мутации сугерира дека тоа може да биде причина за сериозна загриженост“, вели Пикок. Според него, новата верзија треба внимателно да се следи, иако бројот на откриени случаи досега е многу мал.

На истото мислење се и други британски експерти кои нагласуваат дека способноста на B.1.1.529 да се шири ќе игра клучна улога во одредувањето на потенцијалната опасност што ја претставува.

Професорот Франсоа Балу, генетичар на Универзитетскиот колеџ во Лондон, оценува дека веројатно оваа мутација ќе биде далеку поспособна да ги избегне антителата во споредба со Делта сојот.

„Засега треба внимателно да го следиме, но нема потреба за преголема загриженост, освен ако не почне забрзано да се шири. Многу показатели укажуваат дека најверојатно се појавиле во тек на долготрајна инфекција кај имунокомпромитирани пациенти, како што се оние со СИДА“, вели Балу.

Кај пациенти со ослабен имунолошки систем, инфекциите може да траат со месеци бидејќи телото не е во состојба да се избори со нив. Ова му дава време на вирусот да стекне мутации кои му овозможуваат да ја заобиколи одбраната на телото, додава Балу

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk