Кај египетскиот град Абидос археолозите открија пивара стара 5.000 години што може да произведе илјадници литри пиво, објави египетското Министерство за туризам и антиквитети, пренесува Си-Ен-Ен.

Министерството додава дека пиварницата веројатно потекнува од времето на кралот Нармер, последниот крал на прет-династичкиот период (3300-2900 п.н.е.).

Д-р Метју Адамс од универзитетот во Њујорк и еден од водачите на египетско-американската мисија којашто го откри археолошкиот локалитет, рече дека тој и неговите колеги веруваат дека пивото се користело за време на ритуалите на кралските погреби на најраните египетски кралеви.

Претходните истражувања во истата област сугерираат дека пивото се користело за време на жртвуваните обреди.

Пиварницата, чиј производствен капацитет бил 22.400 литри, е поделена на осум делови со 40 садови од глина за загревање мешавина од житни култури и вода.

Египетските власти пишуваат за новооткриените артефакти, обидувајќи се да го оживеат туризмот, бидејќи египетската туристичка индустрија е уништена од ефектите на пандемијата.