Деведесет и шестгодишен диџеј ја одработи својата последна радиоемисија во Хонгконг, завршувајќи ја кариерата долга повеќе од седум децении. Реј Кордеиро им се заблагодари на слушателите откако вчера за последен пат ја одјави својата емисија „All The Way With Ray“.

„Тоа е тоа. Ви благодарам многу што ме слушавте и збогум“, кажа популарниот Вујко Реј на англиски и кантонски.

Шоуто на Кордеиро се емитуваше на РХТК, државниот радиодифузен сервис на Хонгконг, од 1970-ите и беше препознатливо по неговиот баритонски глас и лесната музика. Во 2000 година, Гинисова книга на рекорди го призна за најдолговечен диџеј на светот.

„Се сметам за најсреќен човек на светот. Го правам тоа што сакам да го правам и не жалам за ништо“, изјави неодамна Кордеиро, кој е роден во Хонгконг, но има португалски корени.