Младите Американци го отпишуваат Фејсбук

Истражување кое неодамна во САД го објави организацијата Pew Research Center, имало цел да открие дали ставовите на испитаниците кон социјалната мража Фејсбук се променети по серијата скандали, меѓу кои и влијанието врз исходот на претседателските избори од 2016 година, како и скандалот со компанијата „Кембриџ Аналитика“, по кој беше иницирана кампањата „Избриши го Фејсбук“.

Конечните резултати говорат дека кај корисниците има промена во ставот по однос на користењето на Фејсбук. Резултатите од истражувањето спроведено на 4.594 луѓе во САД, помеѓу 29 мај и 11 јуни годинава покажуваат дека серијатата на скандали имала значително влијание врз тоа како луѓето се однесуваат на Фејсбук.

Во текот на изминатите 12 месеци, 54 отсто од испитаниците ги промениле подесувањата за приватност, 42 отсто од нив направиле пауза од користење на Фејсбук барем неколку недели, додека 26 отсто целосно ја избришале апликација за Фејсбук. Вкупно, 74% од корисниците на Фејсбук презеле една од наведените активности.

Притоа, политичките уверувања на корисниците во САД не играле значајна улога во преземањето на ваквите акции, односно тоа подеднакво го правеле и демократите и републиканците. Сепак, во поглед на возраста на корисниците евидентни се разлики бидејќи младите биле посклони да преземат акција. Дури 44 отсто од испитаниците меѓу 18 и 29 години изјавиле дека ја избришале апликацијата на Фејсбук. Само 12 отсто од оние постари од 65 години го направиле истото.

Сепак, резултатите од истражувањето не се однесуваат на целокупната популација на Фејсбук ширум светот, која во моментов има 2,2 милијарди корисници.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари