logo
logo
logo

Марко Пејчиновски бара поддршка - Охридското Езеро ќе го препливам вдолж и попреку

Vecer | 07.07.2022

Марко Пејчиновски бара поддршка - Охридското Езеро ќе го препливам вдолж и попреку

Во продолжение ви го пренесуваме целото соопштение  од Марко Пејчиновски. 

Јас сум Марко Пејчиновски од Охрид, пливачки маратонец. Имам ретка болест Perthes Disease на левиот колк, која ме спречува да си го живеам животот како секое нормално дете.

Во моите 16 години имам доживеано многу работи. Како дете, на кое ќе му се одземе способноста да трча, секојдневно преживувам различни емоции, предвреме пораснав и согледав колку е животот тежок и суров. Ова придонесе мојата психичка страна драстично да се смени, будејќи во мене искра и сила за борбеност и неоткажување од секојдневните предизвици, без разлика што се случило или што ќе се случи. Тоа е мојот живот. Иако сум дете кое се очекува безгрижно да му се радува на животот пред себе, поради она што сум го доживеал, се чувствувам како возрасен човек и токму овој факт прави да се однесувам кон самиот живот одговорно и со оптимизам, секогаш гледајќи светло на крајот на патот.

Пливањето има голема улога во мојот живот. Јас не можам да трчам ниту пак да одам подолго време – затоа пливам. Пливањето ја пополни празнината која ја чуствував, со пливањето ја стекнав довербата што сега ја имам. Пливањето е мојот живот. Пливањето ме научи на многу работи, на некој начин сите ние пливаме низ водите на животот. Кога ќе влезеш да пливаш е исто како кога ќе се родиш, влегуваш во непознатото, продолжуваш да пливаш, забрзуваш, тогаш растеш, се појавуваат бранови и струења против тебе, тие се пречките кои треба да ги надминеш, за конечно да стигнеш до брегот на другата страна, и полн со радост, ги креваш рацете.

Во мојата досегашна пливачка кариера имам испливано релации како што се:

Св. Наум – Охрид, 22.4 км сеуште сум најмладиот кој ја има препливано оваа релација во 2018 год, на 12 годишна возраст.

Охрид – Св Наум, во 2021 год. јас сум првиот и најмладиот кој го препливал Охридско Езеро во оваа насока.

Охрид – Св. Наум – Охрид, 45 км во 2021 год. Јас сум првиот и најмладиот кој ја има препливано оваа релација на 15 годишна возраст.

Охрид – Струга – Охрид, 24.8 км во 2021 год. Јас сум првиот и најмладиот кој ја има препливано оваа релација на 15 годишна возраст.

Ова лето, 2022 год. ќе пливам нешто кој никој досега не го препливал - 250 км. Во 10 викенди од летниот период, десет препливувања. Охридското Езеро ќе го препливам вдолж и попреку, во должина од 250 км.

Цел ми е: да ги инспирирам и мотивирам луѓето, да докажам дека се е возможно доколку се сака, да оставам трага во времето по која ќе ме паметат и кога ќе ме нема.

Она што барам од Вас е Ваша поддршка. Поддршка која доколку ми ја дадете, ќе биде вистински доказ дека и во Македонија има иднина за спортските таленти кои чекаат некој да ги подржи за да можат да се докажат како вреден потенцијал во кој може и треба да се инвестира.

“А што добиваме ние ако го поддржиме Марко” – со тоа што би ме поддржале ќе добиете зголемен публицитет на Фан страната на Марко Пејчиновски која има 13,250 следбеници и преку 265,000 гледаност во последните 28 дена, секако и реклама која ќе стои на главното пратечко кајче.

И за крај, јас, Марко Пејчиновски, Ве уверувам дека доколку ми подадете рака, финансиски поддржувајќи ме во моите предвидени пливачки подвизи, со сигурност ќе ја оправдам укажаната доверба и Вашата несебична инвестиција, во рамки на наш меѓусебен договор и утврдени начини на меѓусебна видливост и препознатливост.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk