logo
logo
logo

Македонски средношколци со работни искуства во Португалија

Vecer | 27.11.2022

Македонски средношколци со работни искуства во Португалија

Ноемвриска вечер во големата сала на ССОУ „Коле Неделковски“ во Велес, се е совршено подготвено за свечениот настан – доделување на сертификатите на учениците кои беа вклучени во проектот „The sky is the limit“ што се реализира во рамки на Еразмус + програмата на ЕУ во соработка со Националната агенција за образовни програми и мобилност.

Во рамки на проектот, 20 ученици од ова велешко средно стручно училиште, 21 ден беа во Португалија, каде секојдневно по неколку часа во смена, половината од нив работеа во компанија и половината во хотел и секојдневно стекнуваа нови искуства и практики.

Помеѓу работата за време на викендите за нив беа организирани и две екскурзии, каде им се пружи шанса да се прошетаат низ некои од градовите и да се запознаат со убавините, културните знаменитости и традиции на Португалија.

На паноата во салата на училиштето беа изложени фотографии од нивниот тринеделен престој во Португалија. Учесниците гледајќи ги, се присетуваа на работата во хотелот и компанијата и прекрасно поминатите екскурзии и што се’ таму посетија, а воедно ги запознаа и нивните другари кои не беа со нив. Во тие рамки на белото платно им прикажаа и видео материјал од фотографии и снимки од проектот.

Проектот ги обучи и учениците и наставниците

Преку проектот ССОУ „Коле Неделковски“ од Велес имаше можност да спроведе три групи на мобилност. Две групи беа за мобилност на ученици од Угостителско-туристичката и Електро-машинската струка во времетраење од три недели – од крајот на октомври до почетокот на ноември. Третата беше за мобилност на наставниот кадар во времетраење од една недела. Во текот на летниот распуст пред почетокот на учебната година, сите мобилности беа спроведени со партнери од Португалија.

За време на престојот во Португалија, комуникцијата се одвиваше на англиски јазик, а учесниците научија нови работни методи кои ќе бидат особено корисни за нивните идни кариери, информира Весна Стојанова Богоевска, директорка на училиштето.

– Целта на проектот беше да се обезбеди обука и развој на учениците и наставниците, нагласува Стојанова-Богоевска.

Појаснува дека во мобилноста на наставен кадар биле опфатени четворица професори од училиштето кои следеле структуриран курс за обука на тема „Интегрирање на ИКТ алатките во наставата /обуката /училницата“.

– Еднонеделната обука им овозможи на учесниците-наставници од нашето училиште да се запознаат со вештини и способности за пристап до online ресурси, применување ИКТ вештини во нивните наставни области, креирање на флексибилни и приспособливи наставни програми, како и употреба на странски јазик и подобрени комуникациски вештини, појаснува Стојанова Богоевска.

Посочува дека во рамки на проектот се фокусирале на максимално и транспарентно вклучување на учесници од помалку привилегирани средини, како и на зголемување на свеста за глобалните еколошки прашања.

Пракса во хотел во Апулија и компанијата „„Ferreirolux“  во Барселош

Како што информира координаторот на проектот, професорот Марјан Панов, во мобилноста за угостителско-туристичката струка биле вклучени 10 ученици кои имале можност да работат во хотел. Тие таму ги примениле сите свои дотогаш стекнати знаења и искуства, а воедно ги усовршиле  професионалните вештини.

– Преку оваа меѓународно реализирана практична обука, нашите ученици-учесници се стекнаа со многу соодветни практични знаења и искуства од работа во реална средина во една европска земја.Тие беа вклучени во секојдневна работа 21 ден по една смена во хотелот „Apulia Praia Hotel “во Апулија, Португалија, појаснува професорот Панов.

Во мобилноста за електротехничката и машинската струка биле вклучени исто така 10 ученици кои реализирале реален производствен процес односно работна пракса во партнер – компанијата „Ferreirolux“ во Барселош.

– Учениците имаа можност да ги покажат во пракса своите дотогашни знаења, а имаа и можност да стекнат нови работни вештини при производниот процес на елементи и уреди за осветлување. Со помош на оваа мобилност ги надградија своите знаења и ги усовршија своите компетенции со што можат да бидат конкурентни на европскиот пазар на труд, потенцира професорот Панов.

Учесниците задоволни од стекнатите знаења и работни искуства

Ученичката во четврти клас во електротехничката струка Марија Коцевска е среќна што била дел од овој интересен проект.

-Се запознавме со една нова поинаква средина многу поразлична од нашата и оддалечена многу километри од нас. Таму разговаравме на англиски, но времето беше кратко, па успеавме да научиме само по некој збор на португалски, како на пример облигадо, што значи благодарам како и уште по некој збор, на пример како се поздравува, појаснува Коцевска.

Таа со останатите девет ученика од групата на електротехничка и машинска струка одела на пракса во фирмата „Ferreirolux“ во Барселош, каде работеле едната група во прва смена од 9 до 12 часот, а втората од 14 до 16 часот, по што се менувале наизменично.

– На работа одевме со автобус. Таму од елементи изработувавме готов производ уреди за осветлување, подготвени за продажба. Имавме пријатна работна атмосфера и гостопримливи домаќини од кои научивме многу нови работни вештини и знаења и се здобивме со едно прекрасно работно искуство. Бевме и на екскурзии, каде видовме интересни знаменитости и градови. Затоа ги охрабрувам сите ученици кои не биле досега, да се вклучат во вакви и слични интересни проекти. Преку нив ќе запознаете нови луѓе, нови пријателства и нови интересни места, порачува Коцевска.

Ангелче Стојчевски од машинската струка е задоволен и од двете екскурзии, што биле организирани за време на викендите.

– Во Прага немавме многу време да прошетаме, само два часа, бидејќи беше премногу врнежливо. Во Порто следниот ден беше убаво времето па цел ден шетавме и се запознавме со бројните културни знаменистости, се шетавме и другарувавме. Имавме и убав португалски ручек, се’ на се имавме прекрасни доживувања и бевме среќни што имавме можност сето тоа да го видиме и доживееме, вели Стојчевски.

Александар Андонов од угостителско-туристичката струка, кој заедно со останатите девет свои соученици работеле во хотелот „Apulia Praia Hotel“ во Апулија, им порачува на сите ученици да се вклучат во вакви и слични Еразмус + проекти бидејќи преку нив можат многу да научат и да стекнат нови пријателства и искуства.

Тој вели дека главниот готвач на хотелот бил воодушевен како го подготвиле традиционалното македонско тавче гравче и познатите велешките „пишии“. – Тоа многу ги фасцинира и ветија дека ќе ја посетат Македонија, вели Александар.

Професорот во машинската струка Илија Танев во изјава за МИА, за овој проект вели дека целта ја оствариле пред се со едукација на учениците.

– Учениците стекнаа едно поголемо искуство од една европска држава. Во фирмите каде беа на пракса добија голема пофалба. Директорот на Еразмус + проектот односно на „Мобиле Пренс“ искажа пофални зборови за сите вклучени во проектот, а посебно за македонските учесници, вели Танев.

Тој потенцира дека нивните ученици и претходно имале стекнати практични знаења и вештини во две од најуспешните фирми во земјава „Брако“ и „Маркарт“, каде одат на пракса и работат на современи машини, исто како што има во земјите од ЕУ.

Директорката Весна Стојанова Богоевска им порачува на сите оние ученици кои аплицирале, а не успеале да учествуваат, како и на сите оние што планираат да аплицираат, дека небото не треба да им биде граница и секогаш да си поставуваат се’ повисоки и повисоки цели. /МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk