Историја на катаклизмите, од Ное до денес

Крај на светот! Постојано не плашат со тоа, а никако да дојде

Наскоро ќе биде пропаст на светот, но тоа и не е некоја штета (Биќе скоро пропаст света, ал' то и није нека штета). Така некако пееја Ромите во филмот „Наскоро ќе биде пропаст на светот" на култниот режисер на тогашниот југословенски филмски црн бран, Александар Саша Петровиќ. Повозрасните читатели можеби ќе се сетат дека пред тогашното кино „Вардар" во Скопје во таа 1967 година се чекаа редови да се види ова чудо од филм со Мија Алексиќ и француската дива Ани Жирардо во главните улоги.

Велат дека по евентуалната нуклеарна катастрофа ќе преживеат само лебарките и по некој микроб. Не така одамна, лани, имавме серија на фотографии од сигурни извори дека богатите веќе подготвиле сигурни засолништа од новите атомски бомби кои ќе се активираат во војната која тукушто не започнала. Поминаа година-две, а бомбите ги нема.

Едноставно, фабрикантите на вакви вести бараат читаност и внимание кое го добиваат бидејќи во генот на човекот е да се плаши од непознато и од она за што тој лично нема одбрана и решение.

Речиси и да нема година кога “според науката или познатите пророци“ следи пропаст на светот, и тоа е сигурно и дефинитивно. Било да се работи за удар на мтеори и амсовни зарази, кога се цитираат непроверени научни тези, или според пророците дека следи денот кога се плаќа за сите гревови кои човештвото ги направило.

Од апокалипса до последниот суд

АПОКАЛИПСА – Концепт од Новиот завет, врзан са конечното откровение

АРМАГЕДОН – Епска битка меѓу доброто и злото, меѓу Господ и Сотоната, секогаш поврзана со предвидувањата за крајот на времето

ГОЛЕМОТО КРШЕЊЕ – Теорија за пропорционално ширење на вселената, кое неминовно ќе доведе до крајот на универзумот. За нешто повеќе од пет милиони години

КРАЈОТ НА ВРЕМЕТО – Термин што се употребува во Јудаизмот, Христијанството и Исламот, но и сценарио за конечниот ден во многу други религии

ЕСХАТОЛОГИЈА – Дел од теологијата и филозофијата што се занимава со конечните вистини, односно конечни настани во историјата на светот, односно со конечната судбина на човештвото.

ПОСЛЕДНИОТ СУД – Религиски концепт за потврдување на гревовите и доблестите од земскиот живот

РАГНАРОК – Нордиска митологија за крајот на светот, мошне популарна и во останатиот дел на светот.

Секое десетлетие по една катаклизма

Во литературата постојат неброени датуми што го предвидуваат крајот на цивилизацијата. Ние успеавме во еден час потрага низ интернетот да присобереме нешто повеќе од 300 датуми од почетокот на новата ера до денес. Во суштина, многумина се обиделе да го предвидат доаѓањето на Месијата, секако не водејќи сметка дека, на пример, 46 година пред нашата ера траела 445 дена, дека не постои нулта година во календарот, дека Јулијанскиот календар ја определувал годината на 360 дена, а Григоријанскиот на 365. Значи, не се грижете, проценките се погрешни во неколку години. Тука нудиме само еден, малку или повеќе, случаен избор на календарот на пропаста, со посебен осврт на минатиот век.

53 година – Значи, уште пред да се напишат книгите од Библијата и пред Свети Павле да стаса до Паљурци, Солуњаните му се пожалиле дека разбрале дека Исус веќе се вратил и дека тие го пропуштиле просветлувањето, односно дека крајот на светот го дочекуваат во пеколот. Без оглед за кој тип антички Македонци станува збор, злобниците велат дека до денешен ден ја издржуваме таа казна.

400 година – Во меѓувреме се појавиле бројни други месии, но извесен Хипулитус (170-236) пресметал дека поминале 5.500 години од создавањето на Адам и Ева, и дека по 6.000 години ќе заврши и шестиот Господов ден, а седмиот ќе се одмара, што значи дека светот ќе пропадне. Според неговите математики до крајот на светот останале уште два века, односно во 400 година.

500 година – Некои свештеници пресметале дека претскажувањата на Хиполитус се однесуваат токму на 500 година.

Среден век – Има барем уште десетици датуми на предвидување на крајот на светот. Датумите се оправдуваат со толкувања на Библијата

1666 – Жителите на Лондон се убедени дека доаѓа крајот на светот. Чумата одзема 100.000 животи, а тогаш се случува и големиот пожар во градот. Трите шески се доволен знак за колапсот

1715 – Христос се враќа. Ова го предвидува Исак Њутн во своет дело „Законот на гравитацијата"

1910 – Појавата на Халиевата комета за многумина значи најава за пропаста на светот. Забележена е масовна продажба на антикометски пилули што ќе ги спасат луѓето од наводното смртоносно труење.

1914 – Јеховините сведоци, според некои сопствени формули, пресметаа дека Армагедонот ќе се случи токму во оваа година. Тогаш се случи Првата светска војна.

1914, 1918, 1920, 1925, 1941, 1975, 1994 – Останатите можни години за пропаст на светот според јеховините сведоци

1953 – Книгата на Дејвид Дејвидсон „Големата пирамида, божествената порака" предвидува дека крајот на светот ќе се случи во август 1953 година

1960 – Пјаци Смит, шкотски астроном, некаде околу еден век претходно (1860), проучувајчи ги пирамидите пресмета дека во 1960 ќе дојде крајот на светот

1970 – Дејвид Берг (познат како Мјсие Берг) ја основа сектата Божји деца. Веруваа дека крајот на светот е во средината на таа година

1970 – Црквата на вистинската светлина на Исус (уште една секта) ги убеди своите верници за неминовноста на крајот. Се случи масовно самоубиство.

1981 – Повеќе свештеници пресметуваат дека вистинското просветлување ќе се случи на 31 декември 1981 година

1982 – Планетите се поврзуваат во еден ред кон сонцето. Магнетните сили ќе ја уништат планетата Земја.

2012 - Спектакуларниот хорор на Роналд Емерих со наслов 2012 и филмски ни го претстави крајот на светот, што за милиони луѓе беше исклучително впечатливо, логично и уверливо. Но, годината помина, и уште шест по неа, а нема ни трага од големите поплави и земјотреси кои предиузвокуваат катаклизми.

Стравот постанува. А штом е тука стравот, тука се и мајсторите да управуваат со него.

Поврзани

Најнови вести

Коментари