Годишно над 200 случаи на семејно насилство се пријавуваат во Струмичко и таа бројка е константна, информираа денеска од Здружението „Скај плус” во рамки на кампањата „16 денови активизам против родово базирано насилство”.

Според Катерина Дафчева од „Скај плус”, во чии рамки работи и Шелтер центар за згрижување и помош на жртви од семејно насилство, во екот на ковид пандемијата е зголемено родово базираното насилство.

-Оваа година го немавме притисокот како лани кога се случи ковид кризата кога и ние бевме затекнати од големата потреба за згрижување и тогаш најчесто беше интервентно заради тоа што луѓето беа затворени и тогаш многу често се случуваше семејно насилство. Сега толку не го чувствуваме тој притисок, бидеќи работиме во нормални стандарди, а тогаш моравме да се реорганизираме, рече Дафчева.

Според неа, семејното насилство потешко се детектира во руралните средини, бидејќи таму е потешко да се урнат стереотипите и предрасудите кои постојат за насилството.

Во Струмица веќе две години функционира Шелтер центар, а годинава досега се згрижени 18 жртви на семејно насилство, а од нив девет се малолетни деца кои доаѓаат со своите мајки. Возрасната граница на жртвите е од 35 до 45 години. Освен од струмичкиот регион, жртви има и од поширокиот југоисточен регион и со тоа Шелтер центарот неформално прераснува и во регионален.

Инаку, почетокот на кампањата „16 денови активизам против родово базирано насилство” денеска во Струмица беше одбележан со делење на флаери и портокалови панделки од страна на активистките на Здружението „Скај плус” со порака дека насилството врз жените и девојките е недозволиво.