Колку години им се потребни на срцето и белите дробови да заздрават по откажување од пушењето?

Пушачите што се откажале од пушење мора да чекаат 16 години за ризикот од срцеви болести и инфаркт да се врати на нормално ниво, покажа најновата студија на американскиот универзитет „Вандербилт“. Некои претходни студии покажаа дека ризикот од инфаркт се стабилизира пет години по откажувањето од пушење.

По анализирање на податоците од 8 700 луѓе во траење од 50 години, истражувачите утврдиле дека се потребни 16 години за да се острани штетата која никотинот и разни други хемикалии во цигарите му ја нанеле на срцето.

„Срцето и крвните садови побрзо се опоравуваат од штетата која ја нанесуваат цигарите“, објаснува авторката на студијата Мередит Данкан. Но со белите дробови приказната е поинаква – нив им треба повеќе време.

Срцевите болести се убиец број еден во сите земји во светот, а еден од главните фактори кои придонесуваат за тоа се цигарите. Можеби тоа е причината поради која сè повеќе луѓе се откажуваат од цигарите, но тоа не значи дека нивното здравје веднаш ќе се подобри.

Според Данкан, постојат многу малку информации за тоа што точно им се случува на луѓето кои пушат долго време.

За да го истражат тоа, земале податоци од една студија која почнала во 1948 година и траела до 1975 година, а во неа учествувале две генерации луѓе и речиси половина од нив биле пушачи. Како тешки пушачи биле категоризирани луѓето кои пушеле по најмалку една кутија дневно 20 години и околу 70 отсто од нив во текот на студијата доживеале инфаркт.

По пет години, кај оние кои престанале да пушат бил забележан за околу 38 отсто помал ризик од инфаркт, во однос на оние кои продолжиле да пушат.

Но биле потребни 16 години по престанувањето со пушење кардиоваскуларното здравје на поранешните пушачи да се врати на нивото на здравјето кое го имаат непушачите.

„Кај луѓето кои биле тешки пушачи доста долго, можно е да настанат промени на срцето и белите дробови кои не можат сосема да се вратат во нормала. Тоа што е важно да се запомни е дека ризикот од срцев удар и други видови на кардиоваскуларни болести секако се намалува по откажувањето од пушење и тоа е главното откритие на оваа студија“, вели Данкан.

Докажано е дека некои добри последици од откажувањето од пушењето во телото се чувствуваат веднаш. Само 20 минути по гасење на цигарата, отчукувањата на срцето и притисокот во крвните садови се враќаат во нормала. Околу 12 часа подоцна, нивото на јаглен-моноксид опаѓа толку ниско што е речиси невозможно да се открие во телото.

Една недела подоцна од последната испушена цигара, ризикот од инфаркт веќе е малку помал, затоа што срцето и крвните садови повеќе не се изложени на хемикалии.

Сепак, ризикот од срцеви болести останува, но поради тоа не треба да се потценат сите добри ефекти од откажувањето од пушење.

извор: Makfax

Поврзани

Најнови вести

Коментари