Се претера со мобилните

Колку е нормално децата да висат на мобилен по цел ден

Не знаат да се изразат на македонски. Имаат концентрација на златни рипки. Не можат да издржат ни момент досада. Немоќни сме сосема да им забраниме, па смислуваме триста стратегии со кои ограничуваме или казнуваме. Има ли чаре, и за нив, и за нас?

Неодамна излегоа две нови книги кои ја третираат темата на односот на децата и технологијата: „Уметноста на времето минато пред екран" на Ања Каменец и „Биди родителот, те молам" на Наоми Шефер Рајли. Тие ги истражуваат доказите за и контра и нудат совети за вознемирените родители. Колку време пред компјутер или на телефон е премногу? Дали „дигиталните медиуми" се како храна: ок ако се консумираат висококвалитетни состојки, и умерено? Или се повеќе како цигари, дури и тешка дрога, по дефиниција опасни во било која доза? И дали екраните се уште еден начин за наметнување вина врз родителите, особено врз мајките, дека тие не прават доволно?

Доказите сепак не се целосни. И за тоа има добра причина - на истражувачите не им е дозволено прекумерно да стимулираат случаен примерок бебиња за да видат што се случува во нивните мозоци (иако како што вели Камец можеш ова да им го правиш на глувци, и тие малку полудуваат). Научниците имаат проблем ова да го прават дури и кога треба да тестираат мало количество потрошено време пред монитор - некои велат дека успеале да натераат семејства да го намалат времето на 20 минути, ама едвај, и во краток период.

Сепак, постојат загрижувачки корелации. Деца кои гледаат повеќе од два часа дневно телевизија имаат двоен ризик за прекумерна тежина. Оние кои се на екрани пред спиење, имаат поплиток сон, а потоа и проблем да се концентрираат и учат преку ден. А пак симулираното насилство може да го обесчувстват детето кога е во прашање вистинското страдање, и да му го зголемат стравот и анксиозноста.

Каменец, уредник за дигитално образование за NPR ја смирува работата. Вели дека исто како и со алергиите на храна, за голем број деца „кикириката е само кикирика". Промовира пристап инспириран од добро познатата изрека на Мајкл Полан за храната: „Уживајте во екраните. Не премногу. Главно со други", при што други кога се во прашање деца на претшколска и рана школска возраст според неа треба да бидат родителите.

Рајли, поранешна колумнистка за Њујорк пост, а сега предавач на конзервативниот American Enterprise Institute, е порадикална. Таа го смета проблемот на односот на децата кон технологијата за морален пад на родителите, споредувајќи ги екраните со алкохолот и коцкањето: „Нема секое дете да се навлече, но подобро е да се оди на сигурно. Со тоа што ќе им овозможиме пристап до компјутерите, бираме да не родителствуваме".

Дури и да не се „демонски", дигиталните медиуми се вложување време во нешто кое можеби нема долгорочно да даде позитивни резултати во воспитувањето и образувањето, како што тоа би го направило читањето книги, но особено интеракцијата со други живи луѓе или играњето во двор. Но она што го бареме од децата, прво треба да го побараме од себеси. И тоа не е лесно, со оглед на тоа што мајката што си проверува службен мејл на игралиште не значи дека сака да го прави тоа, туку ја бира оваа опција пред онаа да биде во канцеларија секој викенд. Дури и во земји со добар систем за социјална поддршка, родителите немаат време да се бават со сурфањето на нивните деца, па повеќе сакаат некој друг да им го реши проблемот. На пример во Франција неодамна беше објавено дека од септември ќе бидат забранети телефони во основно и средно школо заради подобрување на „јавното здравје".

Сепак, ваквите „на сила" решенија може да се покажат неефикасни - кога ќе се вратат дома децата да бидат уште повеќе време онлајн за да го надоместат пропуштеното. Советот во двете книги главно се сведува на следното: ако немаат време, тогаш и ќе минуваат помалку време на телефони и таблети. Прво сите активности, па после екрани. И комуникација наместо надзор, со реален интерес и прашања од типот „што имаше денес интересно на интернет". Се додека не научат дека има опција „дилит хистори", и хакирање на родителските контроли. А тоа се случува побргу отколку што очекувате.

Поврзани

Најнови вести

Коментари