logo
logo
logo

Ја обвиниле дека општела со осумгодишниот син и деверот, но и дека земјата ја довела до банкрот

Vecer | 04.10.2022

Ја обвиниле дека општела со осумгодишниот син и деверот, но и дека земјата ја довела до банкрот

Француската кралица Марија Антоанета е една од најпознатите историски личности за која се врзуваат многу немили настани во таа земја, но за која, како што се наведува, не постојат историски докази дека таа навистина ги направила.

Марија Антоанета била петнаесетто дете на светиот римски цар Франц I Стефан и царицата Марија Тереза Австриска. На 14 г. била омажена за тогашниот француски крал Луј XVI, кој бил постар од неа само една година.

Таа важела за кралица со ведар дух која обожава деца. Покрај своите четворица наследници, таа е позната и по посвојувањето на повеќе деца, вклучувајќи ја и ќерката на слугинката која починала.

За нејзиниот живот се врзуваат бројни контроверзии, во еден момент била најомразената кралица на Франција, била опишувана како неморална расипничка, арогантна кралица која го дестабилизирала кралството и го довела до пропаст. Сепак, дали навистина е така?

Авторката на книгата за животот на Марија Антоанета, Каролина Вебер, истакнува дека историјата нема докази оти најпознатиот цитат во историјата: „Ако немате леб, јадете колачи“, го изустила токму Марија Антоанета.

Според неа, француските патриоти во XVII и XVIII век таа реченица им ја припишувале на странските кралици на француските кралеви уште пред Марија Антоанета да дојде на престолот, бидејќи, со оглед на економската нееднаквост ги сметале за безчувствителни на нивните проблеми.

Нејзе ѝ се припишува уште една традиција, која важела уште пред нејзиното доаѓање во дворот. Имено, Версај бил многу валкано место, полнето со животни и нивни измет. Наместо да ги чистат чевлите, членовите на кралските и аристократските семејства ги фрлале. Оваа „култура“ постоела наголемо уште кога Марија Антоанета зачекорила во Франција.

Според историски извори најмалку четворица членови на кралското семејство, вклучувајќи го и братот на Луј XVI и Шарл X, трошеле на обувки повеќе од неа, тие нарачувале по 365 пара чевли секоја година.

И додека низа проблеми придонесувале за економските тешкотии во Франција, Марија Антоанета не била главната причина за нив, туку токму спротивното - жртвено јагне.

Инаку, за Марија Антоанета и јавно и тајно се говорело дека е промискуитетна. На памфлетите кои како шумски пожар се ширеле низ Франција, се инсинуирало дека спиела со многу мажи и жени, додека во реалноста постоел доказ дека имала само еден партнер. Претставувањето на кралицата како жена која спие со својот девер бил само еден од начините на револуционерите да покажат дека монархијата е корумпирана.

„Аферата со дијамантскиот ѓердан“ од 1785 година, кога сите мислеле дека Марија Антоанета преку кардиналот Рохан се обидела бесплатно да дојде до накитот украсен со 650 дијаманти дополнително ја влошила ситуацијата.

Во октомври 1789 година, народот се побунил поради превисоката цена на лебот и тргнал кон златните порти на Версај. Разбеснета толпа ја убила кралската гарда и упаднала во домот на кралицата. Семејството потоа било префрлено во дворецот Тиљерије во Париз, а кралот и кралицата биле официјално уапсени дури во 1792 година, кога се обиделе да побегнат за Белгија.

Во јануари 1793 година, кралот Луј XVI бил осуден на смрт поради заговор против државата. Му било дозволено да помине неколку часа со семејството пред да биде погубен пред 20.000 луѓе. Нивниот осумгодишен син, Луј XVII, монархистите го прогласиле за наследник, но републиканската власт одлучила да го затвори во самица, каде што починал во 1795 година.

Од друга страна, на почетокот на август 1793 година, Марија Антоанета била префрлена во Консиержеријата, позната и како „претсобје за гилотина“, а по два месеци ѝ било судено. Таа во тој момент имала 37 години, но според сведоците била целосно седа. Судењето се одржало на 14. октомври 1793 година, а според присутните настанот бил краток и мачен. Обвинителот на секој начин се обидел да ја дискредитира, па го започнал сослушувањето прашувајќи ја дали имала интимни односи со нејзиниот осумгодишен син Луј XVII.

Рано утрото на 16-ти октомври 1793 година, стражарите влегле во нејзината ќелија, ги отсекле нејзините сиви прамени и ѝ ги врзале рацете. Потоа била изнесена на париските улици и со часови возена до Плоштадот на револуцијата. Таму била погубена на гилотина, а тоа предизвикало општа еуфорија кај луѓето.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk