Тие се обвинети дека се ментално сурови и бараат отштета од 650.000 долари доколку не им родат внук во рок од една година, јавува Би-Би-Си.

Сањеев Прашад (61) и неговата сопруга Садана (57) од Индија за Тајмс оф Индија изјавиле дека до оваа сума дошле пресметувајќи колку пари потрошиле на нивниот син Шри (35). Ова вклучува обука за пилот во САД во вредност од 65.000 долари, како и луксузен автомобил дониран за свадбата.

“Имам само еден син. Целата моја заштеда ја потрошив на неговото воспитување и образование. Се врати во Индија во 2007 година поради економската рецесија во странство. Ја загуби работата и не можеше да најде друга повеќе од две години. И во тој период финансиски го издржував“, објаснува таткото.

Тој договорил неговиот син да се ожени со 31-годишната Шубханги. Но, синот и снаата, кои се веќе шест години во брак, се уште не му дале внук. Сањеев Прашад тврди дека тоа нему и на неговата сопруга им предизвикува „огромна болка“.

Адвокатот на парот за локалниот весник ANI News рече дека случајот ја покажува вистината на општеството.

„Инвестираме во нашите деца, ги обучуваме да работат во добри компании. Децата им должат на родителите основна финансиска грижа“, рече тој, додавајќи дека двојката сака внуче во рок од една година или паричен надоместок.

„Сон на секој родител е да стане баба и дедо. И тоа го чекаат со години“, истакнал адвокатот.

Некои парови во Индија се соочуваат со огромен притисок од членовите на семејството да имаат деца. Некои мајки, исто така, во минатото пријавиле дека доживеале физичко малтретирање бидејќи не родиле машко дете.