logo
logo
logo

Илон Маск не е веќе најбогат човек на светот!

Vecer | 18.05.2021

Илон Маск не е веќе најбогат човек на светот!

Маск, кој во март се искачи на најпосакуваното прво место во индексот на милијардери на Блумберг, пред да биде истуркан од шефот на Амазон Џеф Безос, вчера ја загуби и второпласираната позиција од Бернар Арно, претседателот на најголемиот светски конгломерат за луксузни производи ЛВМХ, пренесе Блумберг.

Падот на богатството на Маск, кое сега се проценува на 160,6 милијарди американски долари, што е за околу 24% помалку од јануари, се верува дека се должи на бледата изведба на акцијата на Тесла, која во понеделникот падна за 2,1 проценти на 576,83 американски долари – многу далеку од пикот од 883,09 долари во јануари.

Aкциите на Тесла имаат тенденција длабоко да паѓаат во понеделниците, а до крајот на неделата да враќаат дел од својата вредност, но социјалните мрежи почнаа да шпекулираат дека за ова се одговорни објавите на Маск на Твитер поврзани со биткоинот.

Минатата неделата Маск соопшти дека Тесла ја укинува можноста за купување на нејзините возила со биткоин поради загриженост за климатските промени, во врска со со употребата на фосилни горива во „копањето“, нанесувајќи ѝ сериозен удар на вредноста на водечката светска криптовалута.

„Загрижени сме поради сѐ поголемата употреба на фосилни горива за трансакции и копање на биткоинот. Особено сме загрижени за јагленот, со најлоши емисии од сите горива. Криптовалутата е добра идеја, но не смее да предизвикува огромни еколошки проблеми“, напиша тогаш Маск и додаде дека Тесла не планира да продава повеќе од својот биткоин, но потврди дека компанијата разгледува други криптовалути што се многу помалку зависни од енергија.

Пред само три месеци, Маск, голем поддржувач на криптовалутите, откри дека Тесла вложила 1,5 милијарда долари во биткоини. Во март тој објави дека производителот на автомобили ќе ја прифаќа криптовалутата како платежно средство за скапите електрични возила на Тесла.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk