Првиот подводен дата-центар во светот кој се напојува исклучиво од енергија на ветер започна со работа покрај брегот на Шангај. Овој проект е дел од напорите на Кина да најде итни и еколошки решенија за огромните енергетски предизвици предизвикани од вистинскиот бум на вештачката интелигенција во земјата.
Станува збор за заеднички демонстративен проект на компанијата „HiCloud Technology“ и државниот гигант „China Communications Construction“. Сместен во високотехнолошката слободна зона Линганг (каде се наоѓа и гигафабриката на „Tesla“), центарот со капацитет од 24 мегавати е потопен на 10 метри под површината на водата и се наоѓа на повеќе од 10 километри од брегот.
Природно ладење: Морето ја штеди струјата
Според податоците од кинеската влада, овој подводен центар ја намалува потрошувачката на енергија за повеќе од една петтина (над 20%) во споредба со традиционалните центри на копно.
Причината за ова е едноставна морската вода нуди бесплатен, природен ефект на ладење. Кај класичните копнени дата-центарот, помеѓу 25% и 40% од вкупната електрична енергија се троши само на пумпи и системи за ладна вода кои кружат околу серверите за да спречат нивно прегревање.
Спас за светските залихи на слатка вода
Освен струја, традиционалните центри за податоци – кои важат за физички ’рбет на вештачката интелигенција – трошат и енормни количини вода за ладење. Со нивното преселување во океаните, целосно се елиминира потребата од трошење на резервите со слатка вода.
Колку е алармантна состојбата покажува и последното предупредување на Универзитетскиот институт на ОН за вода, животна средина и здравје:
До 2030 година, „водниот отпечаток“ на светските дата-центри би можел да достигне неверојатни 9,3 билиони литри вода. Тоа е количество со кое можат да се задоволат годишните потреби за вода на сите 1,3 милијарди жители на подсахарска Африка.
Иако „HiCloud“ уште во 2023 година го лансираше првиот комерцијален подводен центар на тропскиот остров Хаинан, овој нов проект во Шангај е првиот што е директно поврзан со ветерна фарма на море.
Кинеските власти веќе ја поставија вештачката интелигенција како главен столб на својата економска стратегија. Со националниот акционен план, Пекинг вети дека до 2030 година драстично ќе го зголеми снабдувањето со чиста и обновлива енергија за целата технолошка инфраструктура во земјата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата