logo
logo
logo

Еве зошто нè вакцинираат во надлактицата

Vecer | 27.05.2021

Еве зошто нè вакцинираат во надлактицата

Милиони луѓе ги засукаа ракавите во последните неколку месеци за да ја примат вакцината против ковид-19, но сите се прашуваме зошто најчесто не вакцинираат во мускулот на надлактицата?

Прво треба да се каже дека повеќето, но не сите, вакцини се даваат во мускул. Ова се нарекува интрамускулна инјекција, пренесува порталот „ScienceAlert“.

Некои од нив, како што се вакцините против ротавирус, се даваат орално, а трети пак се инјектираат во поткожното ткиво, како што се вакцините против сипаници, заушки и рубеола.

Но, зошто е толку важен мускулот и дали е важно местото на пункција? И, зошто вакцината се инјектира во таканаречениот делтоиден мускул, триаголниот мускул на рамото?

Мускулите се одлично место за да се прими вакцината бидејќи нивното ткиво содржи важни имунолошки клетки кои го препознаваат антигенот, мал фрагмент од вирус или бактерија што се воведува со вакцината и го стимулира имунолошкиот одговор.

Во случај на вакцината ковид-19, тој не го воведува антигенот, туку дава упатства за производство на антигенот. Имуните клетки во мускулното ткиво собираат антигени и ги презентираат на лимфните јазли.

Инјектирањето на вакцината во мускулното ткиво ја одржува локализацијата на вакцината, овозможувајќи имуните клетки да ги предупредат другите имунолошки клетки и да се фатат за работа.

Штом имуните клетки во мускулот ја препознаат вакцината, тие го пренесуваат антигенот во лимфните садови, кои потоа ги пренесуваат имуните клетки со антигенот до лимфните јазли.

Лимфните јазли кои се клучна компонента на нашиот имунолошки систем, содржат повеќе имунолошки клетки кои препознаваат антигени од вакцината и започнуваат имунолошки процес на создавање антитела.

Групите на лимфни јазли се наоѓаат во областа близу до местото на вакцината. На пример, многу вакцини се инјектираат во делтоидниот мускул, бидејќи се наоѓа во близина на лимфните јазли лоцирани под пазувите.

Во исто време, мускулното ткиво се обидува да ја одржи реакцијата на вакцината локализирана, односно ограничена на одредено место. Затоа, инјектирањето на вакцината во делтоидниот мускул може да резултира со локално воспаление или болка на местото на инјектирање.

Доколку во масното ткиво се инјектираат одредени видови на вакцини, шансите за иритација или воспалителни реакции се зголемуваат, бидејќи масното ткиво е помалку снабдено со крв, што резултира со послаба апсорпција на некои компоненти на вакцината.

Вакцините за кои се потребни додатоци или состојки кои го подобруваат имунолошкиот одговор на антигенот мора да се инјектираат во мускулот за да се избегне поголема иритација и воспаление. Овие додатоци работат на различни начини да стимулираат што е можно посилен имунолошки одговор.

Постои уште еден фактор што одлучува кога станува збор за местото на администрација на вакцината, а тоа е големината на мускулите.

Возрасни и деца на возраст од три години и повеќе ја примаат вакцината во делтоидниот мускул на надлактицата, а помалите деца вакцината ќе ја примат во средината на бутниот мускул затоа што мускулите на нивните раце се мали и сè уште не се развиени.

Следното прашање при примената на вакцината е во врска со практичноста, вели Ричардс и поставува едно реторично прашање: „Можете ли да замислите луѓе да ги соблекуваат панталоните во област за масовна вакцинација? Завртувањето на ракавот е многу поедноставно и поудобно“.

Различни заразни болести, како што се сезонски грип или епидемија на Ковид-19, бараат што е можно повеќе луѓе да се вакцинираат преку јавниот здравствен систем во најкус можен рок.

Кога ќе се земат предвид сите горенаведени работи, во случај на вакцинација против грип или ковида, се претпочита мускулот на надлактицата бидејќи тој дел од раката е најлесно достапен за медицинскиот персонал.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk