Италијанската винска индустрија остро се спротивставува на плановите на Европската унија за можно разредување на виното со вода со цел да се намали количеството на алкохол.

Според италијанските медиуми, производството на вино без алкохол или вино со помал процент на алкохол е на разгледување во Европа, а крајната цел на ваквиот предлог е да се промовира здравјето пред се.

Министерот за земјоделство Стефано Патуанели најави дека Рим ќе се спротивстави, а здружението на земјоделци Колдирети предупреди на „измама на потрошувачите“, пренесува италијанската новинска агенција Анса

Бунт во Италија

Весникот Кориере дела Сера пишува за „бунт во Италија“.

„Воведувањето на делумно и/или целосно намалување на процентот на алкохол во виното, како нова винска пракса, претставува голем ризик и прилично опасен преседан што сериозно би го загрозил идентитетот на италијанските и европските вина“, рече претседателот на Колдирети Еторе Прандини.

Продажбата на разредено вино досега беше забранета

Продажбата на разредено вино како квалитетен производ досега беше забранета во Европа, потсетуваат другите претставници на оваа индустрија.

Некои сакаат да додаваат обична или минерална вода во виното за да не пијат премногу брзо, но вистинските познавачи на добра капка го пијат без никакви додатоци.

На полиците на продавниците, клиентите можат да најдат и вина кои се декларираат како безалкохолни.

Италија е прва во светот според количината на произведено вино, а годишниот приход, според последните податоци, изнесува околу 11 милијарди евра.