По Втората светска војна, многумина се претставија како блиски и далечни роднини на Адолф Хитлер. Сепак, вистината беше дека од целото најтесно семејство на германскиот диктатор само оваа жена била жива. Во 1959 година таа за прв и единствен пат зборувала за медиумите и во таа прилика открила како било да растеш покрај Хитлер.

Паула Хитлер, порано позната и како Паула Волф, била помладата сестра на германскиот политичар Адолф Хитлер и последното дете на Алојз Хитлер и неговата трета сопруга Клара. Парот имал шест деца, но преживеале само Адолф и Паула, што значи дека оваа жена била најблиската роднина на германскиот диктатор (имале и полусестра по татко им Ангела).

Врската брат-сестра била „комплицирана“

Како момче, Хитлер често бил тепан од неговиот татко. За возврат, кога станал тинејџер, Хитлер ја претепал својата сестра. Едно од најраните сеќавања за него, како што многу подоцна кажала Паула, било местото каде што ја удрил во лицето како осумгодишно девојче.

Во семејството Хитлер, тепањето деца се сметало за добра практика. Дури и мајката на Клара верувала дека тоа што Адолф одвреме-навреме ја тепа Паула е „добро за нејзиното образование“, пишува порталот Listverse.

Паула ја поминала младоста во Виена, каде најпрвин работела како собарка, а потоа како секретарка. Сето тоа време немала никаков контакт со нејзиниот брат, иако и тој останал во градот обидувајќи се да успее како сликар.

Братот и сестрата повторно се сретнале во 30-тите. Паула банкротирала, а Адолф потоа и пратил пари за да се ослободи од долговите. Финансиската помош продолжила до самоубиството на Хитлер во 1945 година.

Поголемиот дел од војната го поминала како секретарка во воена болница под лажното презиме Волк, кое го презела на инсистирање на нејзиниот брат. Историчарите тврдат дека нацистичкиот диктатор имал многу ниско мислење за неа. Во разговор со неговите соработници, тој зборувал за неа како за „глупава гуска“.

 

Hitler

Последниот „вистински“ Хитлер

По 1945 година, Паула била уапсена од Американците. Била испрашувана, а потоа ослободена бидејќи никогаш не била политички активна, ниту член на нацистичката партија. Таа тврдела дека го видела својот брат само два пати за време на војната, но дека не може да поверува оти тој е одговорен за злосторствата што му се припишуваат.

Меѓутоа, последователните истражувања покажале дека Паула не била толку наивна како што се претставувала. Руските истражители откриле дека таа била свршена со нацистичкиот лекар Ервин Џекелиус, одговорен за смртта на над 4.000 луѓе во гасните комори.

Ервин бил уапсен и умрел во заробеништво, но Паула останала на слобода, се преселувала од еден град во друг и живеела со помош на преживеаните членови на СС и тесниот круг на комесари на Хитлер.

Непосредно пред нејзината смрт, Паула дала телевизиско интервју и тоа било единственото нејзино појавување во јавноста. Емисијата се емитувала во 1959 година како дел од програмата „Тиранија: Годините на Адолф Хитлер“, а Паула најмногу зборувала за своето и за детството на нејзиниот брат, одбивајќи да одговара на прашања поврзани со политиката.

 

 

Иако зборувала и за тепањето, сеќавањата на нејзиниот брат биле чудна мешавина од незадоволство и восхит.

– Кога игравме како деца, мојот брат Адолф секогаш беше лидер. Сите други го слушаа. Претпоставувам дека инстинктивно знаеја дека неговата волја е посилна од нивната, изјавила Паула.

Таа починала во 1960 година како последен член на најтесното семејство на Хитлер. Не се мажела и немала деца.