logo
logo
logo

Движењето за БАВНО ЖИВЕЕЊЕ има сè повеќе приврзаници - За што всушност станува збор?

Vecer | 12.08.2022

Движењето за БАВНО ЖИВЕЕЊЕ има сè повеќе приврзаници - За што всушност станува збор?

„Немам време, не можам сè да постигнам“ – сигурно и самите барем еднаш сте ја кажале оваа реченица. Сите сме. Зафатениот модерен свет, глобализацијата, Интернетот - се главните виновници за нашата трка со самите себе. Трка во која никогаш не може да се победи бидејќи нема шанси некој да постигне сè што постојано му се наметнува, нуди и очекува од него.

Токму поради оваа причина луѓето често се разболуваат, се несреќни и вознемирени. Сепак, пандемијата интервенираше во нашата „ трка“пред две години и рече: доста. Изолираните луѓе ширум светот беа принудени да го забават и да го поедностават својот начин на живот, без разлика дали тоа им се допаѓа или не. Интересот за бавно живеење почна полека расте, а во 2020 година Google објави четирикратно зголемување на бројот на видеа на YouTube за бавно живеење во споредба со 2019 година.

Што претставува движењето бавно живеење?

Бавното живеење како движење за многумина носи непопуларно мислење кое вели - да се биде постојано зафатен и да немаш време НЕ значи да се биде успешен или важен. Не знам кога ние како општество дојдовме до општ консензус за ставање знак на еднаквост помеѓу немањето време за сопствените хоби, семејството, пријателите и - успехот.

Движењеето Бавното живеење сака да не врати таму каде што е важно - кај нас самите. Бавниот живот го гледа успехот во квалитетот пред квантитетот, во живот со намера, во живот кој е свесен и промислен. Усвојувањето побавен начин на размислување значи исклучување на автоматскиот пилот и создавање простор за размислување и самосвест.

Бавното живеење е начин на размислување кој се фокусира на позначаен и свесен начин на живот кој е во согласност со она што поединецот најмногу го цени во животот. Ова значи да правите сè со вистинска брзина. Наместо да се стремите да ги правите работите побрзо, бавното движење се фокусира на подобро правење на работите. Често тоа значи успорување, правење помалку и приоретизирање на работите кои ни се најважни и отфрлање на оние кои се непотребни и не придонесуваат за нашата благосостојба, објаснува страницата посветена на ова сè попопуларно движење.

Историјата на движењето бавно живеење

Бавното живеењ  е дел од поширокото движење „Slow (бавно)“ кое започна во 1980-тите во Италија. Соочени со отворањето на Мекдоналдс во срцето на Рим, Карло Петрини и група активисти го основаа Slow Food движење кое има за цел да ги заштити регионалните традиции на исхрана. Движењето за бавна храна сега има поддржувачи во повеќе од 150 земји и продолжува да ги штити гастрономските традиции, да промовира правични плати за производителите, да го поттикнува уживањето во квалитетна храна и да се вклучи во активности за одржливост.

Карл Оноре, еден од најпознатите автори и говорници на бавното движење, помогна да се донесе концептот на бавно живеење во мејнстримот во 2004 година со објавувањето на „Пофалба на бавноста“. Оноре истражува како Слоу Фуд започна пошироко движење на бавно живеење, со „бавно“ сега применето во други области од животот кои доживеале големо забрзување, вклучувајќи работа, родителство и слободно време.

Откако беше објавена книгата, брзината со која живееме само се зголеми, но со тоа и свеста за движењето бавното живеење. Денес, бавното патување, бавната мода, бавниот фитнес, бавното градинарство, бавните ентериери, бавното дизајнирање, бавното размислување, бавните вести и бавната работа се примери за понатамошни изданоци на движењето бавното живеење. Сè повеќе луѓе признаваат дека побрзото не е секогаш подобро.

Вообичаени заблуди за бавното живеење

Бавното живеење честопати го мешаат неупатените со мрзеливост или непродуктивност, но тоа е далеку од вистината. Застапникот за бавно живеење Карл Оноре често ја споменува разликата помеѓу „добро бавно“ и „лошо бавно“. Разликата е во тоа што „добро бавно“ се однесува на свесно забавување за да се завршат работите со вистинска брзина и да се постигне подобар исход, додека „лошото бавно“ може да биде нешто што не ни е од рака, како долга колона или сообраќаен метеж.

Од друга страна, постојат „добро брзо“ и „лошо брзо“. Брзината може да биде возбудлива и стимулативна во вистинските околности, но брзањето низ животот, само прелистувањето на површината, е сосема спротивно.

Една од најголемите заблуди за движењеето бавното  живеење е тоа што сугерира да правиме сè полека, а со тоа и неефикасно. Но, навистина, едноставно се работи за забавување за да се исклучи состојбата на автопилот во која често се наоѓаме и не размислуваме за тоа што јадеме, правиме, читаме... Бавното живеење ни дава простор да си дадеме приоритети и потоа да одвоиме доволно време за секоја задача или активности.

Бавното живеење не е неспојливо со успехот или продуктивноста. Наместо тоа, се работи за тоа да живееме согласно нашата сопствена идеја за успех и давање приоритет на она што е најважно за нас. И конечно, бавното живеење не е брзо решение, тоа е промена на начинот на размислување за која е потребно време и постојано ќе се менува бидејќи се менува она што ви е најважно. Како што пишува Брук МекАлари во својата книга SLOW: „Ова не е трка со почеток и цел. Ова е бавно, несовршено, намерно и се развива“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk