logo
logo
logo

Дали месото нè разболува?

Vecer | 22.05.2022

Дали месото нè разболува?

Иако има се повеќе вегетаријанци и вегани, глобалната потрошувачка на месо е во пораст.

Тоа не е само еколошка, туку и здравствена катастрофа.

Дали има добра причина да продолжите да јадете месо?

Секоја година, 17 милиони луѓе во светот умираат од кардиоваскуларни болести: висок крвен притисок, срцева аритмија, атеросклероза или срцев удар.

Развиените земји особено се борат со зголемениот број луѓе кои страдаат од овие болести поврзани со исхраната.

Има и дебелина, дијабетес и некои видови на рак. А виновниците се: премногу шеќер, алкохол и тутун. И премногу месо.

„Пандемијата ги погоди општествата со нарушувања во исхраната“, вели фармакологот и нутриционист Мартин Змолих од Институтот за нутриционистичка медицина на Универзитетот во Либек.

Според студијата „Месниот атлас“ објавена од Фондацијата Хајнрих Бел и BUND 2021 година, глобалната потрошувачка на месо е двојно зголемена во последните 20 години.

Во 2018 година се изедени 360 милиони тони.

Не само што ова има разорни ефекти врз емисиите на стакленички гасови, биодиверзитетот и потрошувачката на вода, туку и ги разболува луѓето во вистинска смисла на зборот.

Кои болести се предизвикани од конзумирањето месо

Волтер Вилет веќе 40 години ја истражува врската помеѓу исхраната, болеста и здравјето.

Тој е професор по епидемиологија и исхрана на Факултетот за јавно здравје во Бостон на Универзитетот Харвард.

Запрашан за главните здравствени проблеми кои ги предизвикува конзумирањето месо, тој ги наведува кардиоваскуларните заболувања и дијабетесот тип 2.

Особено голема штета предизвикува црвеното месо, односно она што доаѓа од говеда, свињи, јагниња или кози.

„Црвеното месо е богато со заситени масти кои го зголемуваат ЛДЛ-холестеролот во крвта и дефинитивно е причина за срцев удар“, вели Вилет.

Во исто време, црвеното месо речиси не содржи полинезаситени масни киселини, кои го намалуваат нивото на масти во крвта, а со тоа и ризикот од срцеви заболувања.

Црвеното месо го зголемува ризикот кој веќе им е добро познат на кардиолозите: триметиламин оксид или скратено TMAO.

Ова доведува до абнормална акумулација на холестерол и други масти во артериите, што се нарекува атеросклероза.

Според едно американско истражување од 2019 година, првите знаци на атеросклероза стануваат видливи по краткорочно екстремно консумирање црвено месо.

„Екстремно“ во овој случај значи две порции месо дневно – што за многумина во Европа е многу лесно.

Истражувачите исто така се сомневаат дека консумирањето црвено месо ја нарушува функцијата на бубрезите.

Тие откриле дека бубрезите се помалку ефикасни во отстранувањето на TMAO после оброк со месо.

Месото го зголемува ризикот од дијабетес тип 2

Волтер Вилет бил вклучен во некои студии кои ја истражувале врската помеѓу консумирањето месо и дијабетес мелитус, познат и како дијабетес тип 2.

Според тоа истражување црвеното месо особено го поттикнува развојот на дијабетес.

Вилет и неговите колеги, исто така, открија врска помеѓу месото на скара или печеното месо и зголемениот ризик од дијабетес.

Резултатот се однесува не само на говедскиот стек, туку и на пилешките батаци.

Според Светската здравствена организација (СЗО), околу 60 милиони луѓе во Европа страдаат од дијабетес - со тенденција на раст.

Дијабетесот „може во голема мера да се избегне со здрава исхрана и доволна физичка активност“, објави СЗО на својата веб-страница.

Но, месото е само еден фактор.

„Испуштањето на месото од исхраната и продолжувањето да се консумираат пијалоци засладени со шеќер, нема никакви здравствени придобивки“, вели Вилет.

„Секој кој јаде само помфрит и пие Кока-Кола може да биде и вегетаријанец и дијабетичар во исто време.“

Дали месото е канцерогено?

Различни студии покажаа врска помеѓу ризикот од развој на одредени видови на рак и консумирањето месо.

А особено проблематични се црвеното и преработеното месо, вклучувајќи ги колбасите, шунките и саламата.

Меѓутоа, во 2019 година, на насловните страници се појави публикација на тим научници од таканаречениот конзорциум NutriRECS, во која се препорачува возрасните да продолжат да консумираат црвено и преработено месо како и досега.

Објавувањето предизвика критики од експерти, бидејќи, како што пишуваат самите автори, препораките се засноваат на исклучително слаби докази.

Всушност, три од петте мета-анализи користени од авторите на конзорциумот како основа за нивната препорака покажаа дека црвеното и преработеното месо доведуваат до поголема смртност од рак.

Друга мета-анализа од 2021 година, исто така, заклучи дека честото консумирање месо значително го зголемува ризикот од рак на дојка и на дебелото црево, на пример.

За време на печењето или печењето на скара се создаваат и други канцерогени материи.

Можеме ли да се откажеме од месото

Многу луѓе сè уште веруваат дека месото е едноставно дел од здравата исхрана.

Ова е точно во регионите каде што е тешко да се одгледуваат зеленчук и мешунки, и каде што луѓето се потпираат на хранливите материи што им ги дава месото на нивните животни.

„Се разбира, месото има и вредни состојки“, се согласува Валтер Вилет.

Пилешкото месо е помалку штетно од црвеното месо, а рибата исто така може да придонесе за здрава исхрана.

Никој не мора целосно да се откаже од месото и животинските производи за да остане здрав.

„Најдоброто нешто, сепак, е претежно растителна исхрана“, вели нутриционистот.

Јаткастите плодови, мешунките и производите од соја се добри извори на протеини.

Зеленчукот е богат и со влакна, кои се важни за здравјето на цревата.

Значи, која е добра причина да се јаде месо?

„Во индустријализираните земји нема причина“, вели нутриционистот Мартин Змолих.

Една неодамнешна студија на Универзитетот во Бон заклучува дека потрошувачката на месо само во Европа мора да се намали за најмалку 75 отсто за да се постигнат климатските цели.

Иако расте бројот на вегетаријанци и вегани, расте и глобалната потрошувачка на месо.

На животните им е потребна храна, вода и почва.

Глобалните емисии на стакленички гасови од месото и животинските производи се двојно повисоки од оние од растителната храна, покажа студија од 2021 година.

Речиси 60 отсто од емисиите штетни за климата во прехранбениот сектор може да се припишат на производи од животинско потекло.

Затоа Валтер Вилет смета дека мора да се земат предвид еколошките последици од консумирањето месо.

Затоа што, вели тој, „нема здрави луѓе без здрава планета“.

Фото: Гети

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk