logo
logo
logo

„Бела ноќ“ ветува одлична културна програма за скопјани

Vecer | 27.09.2022

„Бела ноќ“ ветува одлична културна програма за скопјани

Традиционалната културна манифестација „Бела ноќ“ ќе се одржи во сабота (1.10.2022) на повеќе локации низ Скопје. Скопјани и посетителите ќе имаат можност да уживаат во музички концерти, изложби, проекции, поетски читања, работилници, жонглерско шоу и перформанси на десетици локации низ градот.

Централната манифестација ќе се одржи на плоштадот „Филип Втори“ каде скопјани за прв пат ќе имаат можност да уживаат во насловните нумери од филмовите на легендарниот Џејмс Бонд во изведба на Камерниот оркестар на Битола, покрај тоа ќе можат да гледаат детска театарска претстава, жонглерско шоу, музички концерт на Мијата, a за крај да се журкаат на настапот на диџеј Дабнотик.

„Десонанс Фестивал“ ќе го има своето тринаесетто издание во дворот на Кинотека на Северна Македонија, а ќе се презентира македонската електронска сцена која е напредна и во тек, вибрантна со случувањата на глобалната современа електронска сцена. Со свои настапи ќе се презентираат четворица македонски диџеи, а ќе ги надополнат со видео-арт материјали Филип Митров и Атанас Ботев, а за филмската програма ќе се погрижи Кинотеката.

Во Градски парк кај фонтана ќе може да се погледне „Сообраќаен инсектариум - ПајакАрт“ групна изложба на 13 домашни автори, од различни ликовни изрази чија идеја е да се преиспита односот помеѓу типичната градска слика на сообраќаен метеж од паркирани возила на улици, булевари и тротоари и „пајак“ возилото, и нивните афинитети и творечки потенцијали, со изложување на дела на специфично зададена локација - автомобил.

Програмата ја збогатуваат и културните институции МКЦ, Детски културен центар „Карпош“, Национална галерија, Музеј на современа уметност, Музеј на Мајка Тереза, Зоолошка градина, Библиотека „Браќа Миладиновци“, Музеј на македонската борба и НУ Музеј на Република Северна Македонија.

Сите настани се од отворен карактер и се бесплатни за посетителите. Целата манифестација е во организација на ЈУ Универзална сала, а финансиран од Град Скопје.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk