АРХЕОЛОЗИТЕ открија огромен, спектакуларен тунел под храм во античките урнатини на градот Тапосирис Магна на египетскиот брег, кој експертите го нарекоа „геометриско чудо“.

Археологот Кетлин Мартинез од Универзитетот во Санто Доминго во Доминиканската Република и нејзините колеги 13 метри под земја пронашле тунел висок 2 метри. Неговиот дизајн, според египетското Министерство за туризам и антиквитети, има неверојатна сличност со тунелот Еупалинос долг 1.036 метри – аквадукт од 6 век п.н.е. кој се наоѓа на грчкиот остров Самос.

Тунелот Еупалинос често се нарекува инженерско чудо бидејќи бил невидена градба во времето на нејзината изградба. Иако тунелот Тапосирис Магна не е прв од ваков вид, неговата конструкција е подеднакво импресивна. Иако неговата структура наликува на онаа на Самос, се уште не е познато која е неговата точна функција, пишува Science Alert.

Потрагата по гробницата на Клеопатра
Мартинез, која од 2004 година работи на локалитетот Тапосирис Магна и ја бара изгубената гробница на Клеопатра, верува дека е на вистинскиот пат. Имено, претходните ископувања открија траги кои се чини дека укажуваат на познатата египетска кралица.

Тапосирис Магна е создадена околу 280 година п.н.е од Птоломеј II, син на Александар Македонски и еден од предците на Клеопатра. Археолозите веруваат дека храмот во градот бил посветен на богот Озирис и божицата Изида – која ја обожавала Клеопатра. На тоа место се пронајдени и монети со имињата и ликовите на Клеопатра и Александар Македонски, како и фигурини на Изида.

Во храмот биле пронајдени и грчко-римски гробови. Можно е Клеопатра и нејзиниот сопруг Марк Антониј да биле погребани во слични гробници. Но, засега е рано да се каже дали овој тунел ќе даде некаква информација за тоа каде е погребана познатата кралица.

Серија земјотреси
Сега доаѓа фазата на истражување на блиското Средоземно Море. Имено, во периодот од 320 до 1303 година, брегот го погодиле серија земјотреси, поради што дел од храмот се урнал и потонал. Покрај тоа, досегашните ископувања открија мрежа од тунели што се протегаат од езерото Мариут до Медитеранот.

Без разлика дали археолозите го пронајдоа последното почивалиште на Клеопатра или не, темелното пребарување на овие урнатини може да ни каже повеќе за мистериозниот антички град. Во тунелот веќе се пронајдени некои „богатства“: парчиња керамика и правоаголен блок од варовник.

„Ако го откриеме гробот на Клеопатра и Марко Антониј, тоа ќе биде најважното откритие на 21 век. Ако не го најдеме, сепак на ова место најдовме големи откритија“, изјави тогашниот министер за туризам и антиквитети. , Захи Хавас, пред 13 години.