logo
logo
logo

КОЈ Е ПОСРЕЌЕН, вие или вашето куче?

Vecer | 14.02.2025

КОЈ Е ПОСРЕЌЕН, вие или вашето куче?

Според професорот по филозофија Марк Роландс, одговорот е јасен: Кучињата ги сакаат своите животи и ги живеат поинтензивно од нас.

Роуландс, кој предава на Универзитетот во Мајами, во својата нова книга „Светот на кучињата“ вели: „Она што нашите кучешки придружници можат да нè научат за добриот живот не го анализира само однесувањето на кучето, туку се осврнува на една подлабока филозофска порака – како и ние би можеле да живееме поисполнет живот ако го доживееме животот како тие“.

Кучињата, тврди Роуландс, ги сакаат своите животи во потполност бидејќи тоа е сè што имаат. Тие не размислуваат за минатото или иднината, не ги анализираат или доведуваат во прашање нивните одлуки. Наместо тоа, тие се целосно присутни во сегашниот момент, без тежината на рефлектирачката самосвест што ја носат луѓето.

Зошто кучињата се посреќни од луѓето?

Според Роуландс, кучињата не се оптоварени со постојаното размислување за нивните постапки, несигурности и грижи кои ги мачат луѓето. Тие едноставно трчаат, скокаат, душкаат, истражуваат, ги повторуваат истите дејства без досада или фрустрација. Нивната среќа доаѓа од самото јадро на нивната природа, додека ние, луѓето, постојано се обидуваме да најдеме смисла во нештата кои на крајот нè прават несреќни.

Кучето на Роуландс, германски овчар по име Шадоу, е совршен пример за ова. Секое утро лови игуани додека се сонча на бреговите на каналите во Мајами. Никогаш не ги фаќа, но тоа не го спречува секој ден со подеднаков ентузијазам да го повторува истиот ритуал. Неговата радост не доаѓа од постигнувањето на целта, туку од самиот чин. Филозофот го споредува ова со грчкиот мит за Сизиф, човек кој бил осуден засекогаш да турка камен на рид, само за каменот секој пат да се тркала назад. Но, иако задачата на Сизиф беше казна, за ова куче тоа е неисцрпен извор на среќа.

Што можат да нè научат кучињата за среќата?

Роуландс верува дека кучињата не се само пасивни набљудувачи на сопствениот живот, туку и активни креатори. Тие не го анализираат или преиспитуваат нивното постоење, тие едноставно го живеат. Луѓето, од друга страна, често стануваат заробеници на сопствените мисли, што нè води до несигурност, сомнеж и вознемиреност.

Кучињата, тврди авторот, го немаат овој проблем. Нивниот свет е едноставен, а сепак длабоко значаен. Тие не се критични кон сопствениот живот, не се опседнати со минатото или загрижени за иднината. Затоа, вели Роуландс, кучињата водат поисполнет живот од нас.

Кучињата можеби не можат да донесат логични заклучоци како нас, но имаат неверојатна способност да читаат емоции. Гледајќи ја десната страна на човечкото лице, која е поврзана со левата хемисфера на мозокот, онаа што ги изразува емоциите, кучињата инстинктивно разбираат што се случува со нивните сопственици. Тие не го доведуваат во прашање значењето на среќата, тие едноставно ја доживуваат.

Ако сакате да ја пронајдете смислата на животот, набавете куче

Роуландс заклучува дека кучињата имаат повеќе смисла за животот од нас, токму затоа што не размислуваат како луѓето. Додека ние се бориме со сопствените мисли и дилеми, кучињата едноставно уживаат во моментот.

Неговата порака е јасна: Ако сакате да ја пронајдете вистинската смисла на животот, набљудувајте ги кучињата. Тие не ја бараат среќата, тие едноставно ја живеат, а во тоа се крие нивната најголема мудрост.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk