logo
logo
logo

Животот под маски за некого навистина е живот: Невидлив штит против расизмот, сексизмот и осудувачките очи!

Vecer | 16.05.2021

Животот под маски за некого навистина е живот: Невидлив штит против расизмот, сексизмот и осудувачките очи!

Повеќе од една година живееме во време на пандемија и се чини како да на сите ни е преку глава од носењето маски, социјалното дистанцирање, забраните за патувања но и секојдневните вести поврзани со коронавирусот.

Сепак, Гардијан пишува дека маските се тука за да останат - односно дека бројката на луѓе кои преферираат да носат маски на лицето и по завршување на пандемијата секојдневно се зголемува.

Имено, станува збор за луѓе кои сакаат да носат маски и во затворени но и во отворени простории.

Гардијан ја започнува ваквата сторија со 46 годишната Франческа од Њујорк.

Иако е целосно вакцинирана пред повеќе од три недели,  Франческа која е професорка не планира да ја тргне маската од лицето и по завршување на пандемијата бидејќи како што вели маската за неа преставувасвоевидна наметка за невидливост.

-Можеби размислувам вака бидејќи сум од Њујорк или можеби бидејќи секогаш сме под притисок да му се преставиме на надворешниот свет во најдобро можно светло. Маската за мене е олеснување да се чувствувам анонимно. Како да имам штит кој им вели на другите "престанете да ме зјапате", открива таа.

Но, Франческа не е единствена. По повеќе од една година живот со коронавирусот, некои луѓе, особено жените не сакаат да се откажат од парчето ткаенина кое служи како моќен симбол на нашата нова реалност.

"Армија на маскирани"

Дали треба и кога треба да се носи маска се уште е една од најголемите дилеми на пандемијата, почнувајќи од раните денови кога експертите советуваа да не се носат маски, па го сменија мислењето дека треба да се носат маски, се до протестите против обврската за носење маски како и оние неодамнешните каде се бара укинување на забраната за носење маски на отворен простор.

Американските власти неодамна изјавија дека целосно вакцинираните луѓе можат да шетаат надвор без маска на лицето, освен ако станува збор за места каде има големи собири. И додека оваа одлука се сметаше за победа, има и такви кои за "Гардијан" имаат изјавено дека не планираат да ги извадат маските од своите лица. А нивната ваква одлука нема врска со научните или анти-научните, либералните, конзервативните ставови, туку со нешто сосема друго.

Тие велат дека постојат други работи кои можат да ги повредат многу повеќе од коронавирусот – како агресивното и невнимателно однесување од страна на другите луѓе.

-На моето работно место имаме консензус со моите колеги дека не сакаме нашите клиенти да ни ги гледаат лицата, изјавила 25 годишната Бека Маршала која работи во книжарница во Чикаго.

-Честопати кога некој клиент е груб или зборува политички работи мене не ми е дозволено да направам гримаса или било како да изреагирам бидејќи на тој начин ќе го навредам. Со маска на лицето, не морам да се смешкам или пак да се грижам дали мојата фаца е доволно неутрална за неговиот арогантен став, додава таа.

Бека и вели дека досега имала многу клиенти кои биле вознемирени кога таа нема да им се насмевне.

-Секојдневно имам контакти со луѓе кои се против носењето на маски. Тие ја посетуваат книжарницата во која работам и неколку пати ми се имаат закането дека ќе ме повредат бидејќи не се согласувам со нивните ставови. Ако носењето маска ме изолира од нив тогаш јас сум кул со тоа, додава таа.

Маската како штит од надворешниот свет

Ејми, 44 годишната сценаристка која работи во Лос Анџелес вели дека носењето маска во јавност и по примената втора доза и дава емоционална слобода.

-Не сакам повеќе да го чувствувам притисокот дека треба постојано да им се насмевнувам на луѓето. Има слобода во враќањето на оваа моќ, вели таа.

Но, жените не се единствените кои не сакаат да ги симнат маските. Меѓу нив е и Боб Хол, 75 годишен пензиониран истражувач од Њу Џерси кој за себе вели дека има тенденција да не ги задоволува другите.

-Кога живееш во САД како да имаш обврска да си постојано среќен, да им се насмевнуваш на сите и постојано да си пријателски расположен. Ваквиот притисок е вознемирувачки, а маската ме ослободува од него, вели тој.

За 46 годишната туторка Елизабет која живее во Атланта маската е излез од социјалната анксиозност за која со години примала терапија и лекови.

Маската за неа е парче ткаенина која и дозволува да се чувствува пријатно додека го истражува светот.

-Јас сум ниска и дебелка. Лесно е да се чувствувам дека сум опкружена со исмејувачки очи - очи кои судат. Ништо не ме заштити од чувството на ранливост како што досега ме заштитува маската, вели таа.

Впрочем, ваквите борби не се невообичаени во општеството, пишува Гардијан. Со години, голем дел од општествата дебатираат дали треба да се банира хиџабот, превезот преку цело лице. Имено голем дел од жените кои носат превез низ цело лице се соочуваат со големи стапки на дискраминација.

Па така, голем дел од муслиманки во разговор со Ана Пиела изјавиле дека пандемијата им дозволува да се чувствуваат поудобно носејќи хиџаб.

Маските како излез од осуда

На почетокот на пандемијата, многу Азијки кои живеат во Америка беа меѓу првите кои ги ставија маските на лицето – одлука која ги штити од коронавирусот но истовремено ги прави и цел на расистички коментари. Една година подоцна, со намалените случаи на коронавирусот некои гледаат на маските како форма на маскирање.

-Ноќта на убиствата во Атланта се допишував со една пријателка која е со потекло од Азија, а живее во Америка и ми кажа дека кога излегува од дома постојано носи маска и наочари се со цел да не биде препознаена. Кога ја прашав од кого се крие ми рече "од сите" бидејќи сум Азијка, вели 34 годишната Џејн која е новинарка и живее во Сиетл.

Според 34 годишниот писател, Џон од Австралија носењето маска овозможува ослободување од погрешна перцепција.

-Кога носам маска се чувствувам анонимно. Кога заврши локдаунот во Австралија се соочив со фактот дека не треба да носам маска но треба повторно да бидам изложен на сиот расизам, сексизам и погрешна перцепција креирани од луѓе што не те познаваат. Па така понекогаш кога треба да одам до некој ресторан или да си земам храна ја ставам маската иако немам законска обврска, вели тој.

Со сличен став е и Хартли Милер, 33 годишна технолошкa работничка од Сан Франциско која изјавила дека по стотици Зум состаноци сериозно и се влошила нејзината дисморфија - состојбата со менталното здравје која е поврзана со опсесивно размислувања за недостатокот за нечиј изглед.

-Постојано се гледам и анализирам во огледало. Мојата состојба ми влијае и на работата. Двојната брада ми се чини се поголема, а подочноците околу очите се потемни. Излегувањето надвор со маска која ја покрива мојата брада и со наочари кои ги покриваат темните кругови околу очите ми овозможува да избегам од тоа чувство на опседнатост. И по пандемијава јас ќе носам маска. За тоа сум сигурна 1000000%., вели таа.

Милер и додава дека по напорниот работен ден убаво е да се вклопиш без при тоа да треба да поминеш три часа пред огледало.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MEDIANET LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk