logo
logo
logo

АЛАРМАНТНИ ПРЕДУПРЕДУВАЊА НА ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ: Светот има рок од максимум една година да ги вакцинира сите!

Vecer | 08.04.2021

АЛАРМАНТНИ ПРЕДУПРЕДУВАЊА НА ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ: Светот има рок од максимум една година да ги вакцинира сите!

Светот има рок од една година, па дури и помалку пред вакцините од првата генерација против Ковид-19 да станат недоволно ефикасни - ова е предупредувањето од бројни светски епидемиолози, виролози и специјалисти за заразни болести, пренесува „The Guardian“.

Според нив, потребни се глобални напори за поорганизирана и побрза вакцинација која на ефикасен начин ќе ја неутрализира заканата во вид на Ковид-19.

Нивната загриженост е резултат на новите мутации на коронавирусот кои се појавуваат и шират, а некои од нив се позаразни, посмртоносни и поотпорни на веќе постоечките вакцини.

Неповолната прогноза која му дава на светот рок помал од една година ја поддржале дури две третини од испитаниците во истражувањето спроведено од страна на сојузот „People’s Vaccine Alliance“, кое вклучувало 77 научници од 28 земји.

Речиси една третина од нив рекле дека временската рамка е најверојатно 9 месеци, а можеби и помалку.

Ниската стапка на вакцинација во многу земји остава отворена можност за појава на мутации отпорни на вакцини, изјавиле 88 отсто од испитаните научници.

„Секојдневно настануваат нови мутации. Понекогаш ја пронаоѓаат нишата која ги прави „поуспешни“ од нивните претходници. Таквите варијанти би можеле поефикасно да се пренесуваат и потенцијално да го избегнуваат имунолошкиот одговор, стекнат од претходните соеви. Доколку не го вакцинираме цел свет, оставаме отворен терен за се повеќе и повеќе мутации кои би можеле да произведат варијанти кои ќе бидат отпорни на моменталните вакцини и ќе им бидат потребни посилни дози“, истакнал Грег Гонзавлес, вонреден професор по епидемиологија на универзитетот Јејл, пренесува „The Guardian“.

Моменталните вакцини кои добија итни одобренија во различни делови од светот се комбинација од стари и нови технологии.

Особено е интересен пристапот наречен „mRNA“, каков што користат компаниите Фајзер и Модерна, а кој може за релативно брзо време (во рок од неколку недели или месеци) да се прилагоди на новите соеви, но проблемите во брзината на производство и дистрибуција претставуваат пречка во целата работа.

Но, она што е клучен проблем е дека малку е веројатно дека овие вакцини ќе станат достапни за најсиромашните земји, со оглед дека станува збор за скапи вакцини кои имаат големи барања кога станува збор за складирањето.

Во меѓувреме, богатите земји како Велика Британија и САД веќе вакцинираа со барем една доза повеќе од четвртина од својата популација и обезбедија стотина милиони залихи.

Наспроти тоа, државите како Тајланд и Јужна Африка не успеаја да вакцинираат ниту еден отсто од своето население, а некои земји допрва треба да добијат први вакцини.

Повеќето се потпираат на програмата „Ковакс“, глобална коалиција за набавка на вакцини за сиромашните земји, чиј план е во 2021 година да се достават вакцини за најмалку 27 отсто од жителите на земји со ниски приходи.

„Ургентноста популацијата што побрзо да се вакцинира, која ја гледаме во богатите земји, а кои имаат намера сите возрасни да се вакцинираат до лето, едноставно не е одржлива на глобално ниво. Наместо тоа го имаме „Ковакс“ кој цели на можеби 27 отсто до крајот на годината, но дури и ако дојде до тоа - не е доволно добро“, истакнал Макс Лосон, претседател на „People’s Vaccine Alliance“.

 

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk