Четвртина век откако принцезата Дајана зборуваше за животот во кралското семејство, Меган Маркл, сопругата на принцот Хари, одлучи да го стори истото и неверојатно е колку се слични приказните на овие две жени.

Јавноста имаше можност да слушне детали за животот на Меган во кралското семејство во интервјуто дадено кај Опра Винфри, кое го шокираше целиот свет, особено Бакингемската палата.

Додека британските таблоиди сакаат да ја споредуваат Меган со војвотката од Виндзор како разведена Американка која го намамила кралот Едвард VIII во 1936 година и живеела со него во горчлив егзил, што предизвика раздор во кралското семејство, Хари и Меган се чини дека се решени Маркл да биде новата Дајана.

Принцот Хари често зборуваше со вознемиреност и горчина за тоа што и се случувало на принцезата Дајана откако се развела од принцот Чарлс и за нејзината смрт во Париз.

Тој повторно го покрена ова прашање во неделното интервју, правејќи паралела за искуствата на неговата мајка и сопруга, велејќи дека чувствува „присуство на неговата мајка“ за време на сè што поминале тој и Меган.

Сето ова креира слика за тоа како историјата се повторува преку непроменливата структура на кралската лоза и институцијата – додека принцот зборуваше за ослободување од „старите примери“ и наоѓање на нов начин на живот.

Хари експлицитно се осврна на расистичките напади врз неговата сопруга.

– Видов како се повторува историјата и мислам на мајка ми. Кога ќе видите дека истото се повторува, секој би побарал помош – рече Хари и истакна дека односот кон Меган е „далеку поопасен“ поради „сеприсутноста на социјалните медиуми и корозивниот елемент на расизмот“.

Принцезата Дијана

Додека Меган зборуваше за нејзината внатрешна борба, осаменоста и изолацијата, како и за фактот дека размислувала да си го одземе животот, многумина во нејзината приказна ја препознаа принцезата Дајана, која се бореше со билимија и депресија додека беше во брак со Чарлс.

Двете жени своевремено побарале помош од кралското семејство, но биле игнорирани и одбиени, пишува Њујорк Тајмс.

Наместо помош, семејството ја одбило и ја советувало да молчи.

“Ни рекоа: “Така е. Едноставно така функционира”, рече Хари во едно интервју.

Како и Дајана, така и Меган, дојде во семејство кое не ја разбираше и веруваше дека без да дава отпор, ќе се прилагоди на кралските обичаи и протоколи. Исто како во случајот со Дајана, кога Меган се покажа немоќна или не сакаше да се придржува до кралските обичаи, според неа, палатата не сторила ништо за да ги спречи медиумите да ја „удираат“

Како и Дајана, таблоидите ја обвинија дека постојано бара внимание. Она што се разликува во приказната за овие две жени е бојата на нивната кожа, како и фактот дека Меган ја има поддршката од нејзиниот сопруг, додека Дијана не.

Тие исто така се разликуваат по тоа што Дијана имаше само 20 години кога се омажи за Чарлс, додека Меган имаше 36 години и има успешен живот и кариера, но и еден брак зад себе.

Исто така, на Дајана уште од детството беше учена дека „традицијата треба да се почитува“, додека Меган потекнува од средина каде се зборува за чувствата и каде може да се дискутира што може да се направи за да се поправат некои работи.

Што го зборуваше Дијана

Духот на Дијана, меѓу другото, беше постојано присутен за време на интервјуто, бидејќи Хари ја спомна неколку пати. Тој во еден момент истакна дека верува оти Дијана би била лута и тажна за тоа како семејството се однесува кон него и Меган.

Тој исто така верува дека таа ќе ја поддржеше нивната одлука да ја напуштат Британија и да започнат нов живот некаде далеку, каде „кралското семејство не би можело да ги достигне“.

Патем, во познатото интервју на Дајана за Би-Би-Си, кое беше емитувано на 20 ноември 1995 година, таа зборуваше за тоа колку е разочарана од бракот.

– Па, бевме тројца во брак, имаше малку гужва – рече таа во врска со аферата на принцот Чарлс со Камила Паркер, која тој јавно ја призна една година претходно. Исто така, во тоа интервју, таа призна дека му била неверна и на Чарлс во петгодишна врска со офицерот Џејмс Хјуит.

Таа призна дека страдала од постпартална депресија по раѓањето на принцот Вилијам.

На прашањето какво влијание имала депресијата врз нејзиниот брак, таа изјави дека тоа им давало за право на сите да ја означуваат како „нестабилна и ментално неурамнотежена“.

Таа исто така зборуваше за проблеми со булимијата и  за тоа како прекумерниот медиумски интерес влијаел на нејзиното ментално здравје, но и бракот. Зборуваше и за тоа како никогаш не добивала пофалби за сработеното.

– Без оглед, што добро и да направев, никој никогаш не велеше ништо. Но, ако се сопнев, или направев грешка, тогаш сите очи беа вперени во мене.

Во времето кога се емитуваше интервјуто, таа и принцот Чарлс живееја одвоено веќе три години. Тоа интервју ја налути кралицата Елизабета Втора. За еден месец, прес-секретарот на Дајана поднесе оставка и кралицата им испрати писмо на неа и на Чарлс во кое ги повика да се согласат на развод.

Исповедта на Хари потсети на ова болно интервју, а принцот истакна дека е свесен дека неговиот татко ја повредил неговата мајка и дека Чарлс бил многу свесен колку е несреќна Дајана. Тој и призна на Опра дека Чарлс и тој биле во конфликт околу Меган и дека неговиот татко престанал да му се јавува.

– Се чувствувам изневерено, бидејќи тој помина низ нешто слично. Тој знае за каква болка станува збор … Сепак, во исто време многу го сакам, но овде ми е нанесена голема болка – рече Хари.