ГЛИГОР СТЕФАНОВ, УМЕТНИК КОЈ ЖИВЕЕ И ТВОРИ ВО КАНАДА

Замина во потрага по душевен мир

"МОЈОТ ОДНОС КОН ОДЕЊЕТО НАДВОР НЕ БЕШЕ ГАСТАРБАЈТЕРСКИ - ДА ЗАРАБОТАМ НЕШТО, ПА ДА СЕ ВРАТАМ. МОЈАТА ПОТРЕБА БЕШЕ ДА ЗАМИНАМ ЗА ДА ЖИВЕАМ ВО ДРУГА СРЕДИНА СО ПОИНАКВИ КРИТЕРИУМИ", ВЕЛИ СТЕФАНОВ, ЕДЕН ОД ДВАЈЦАТА УМЕТНИЦИ КОИ ЗА ПРВПАТ ЈА ПРЕТСТАВИЈА МАКЕДОНИЈА НА ВЕНЕЦИСКОТО БИЕНАЛЕ ВО 1993

Скулпторот и уметник Глигор Стефанов, кој заедно со Петре Николовски, во 1993 година за првпат ја претставуваа Македонија на престижното Венециско биенале, денес живее и работи во Монтреал, Канада. Разочаран од случувањата на македонската уметничка сцена кон крајот на осумдесеттите години на минатиот век, заминал и не се вратил во татковината. "Мојот однос кон одењето надвор не беше гастарбајтерски - да заработам нешто, па да се вратам. Мојата потреба беше да заминам за да живеам во друга средина со поинакви критериуми", вели Стефанов, кој неодамна, со делото "Привремена скулптура" учествуваше на Првиот северноамерикански фестивал на огнот "Фаренхајт".
"Тогаш чувствував силна потреба за присутност на меѓународната ликовна сцена. Бев револтиран од начинот на кој се одвиваа работите во секојдневниот живот, губењето на критериумите за вреднување. Не сакав да се занимавам со ангажирана уметност. Насловите на некои дела од тој период како "Мамичето ваше да ви го .." или "Крик", сведочат за тоа. Ми беше многу тешко да донесам одлука за емигрирање. Бев свесен дека веќе стекнатиот уметнички статус ќе го заменам со потполна анонимност, пристојната работа со невработеност; штотуку направеното ателје во кое немам поминато ниту еден работен ден со мали изнајмени простори", се сеќава уметникот на далечната 1988 година кога, само со пасош и неколку фунти во џебот, без познавање на англиски јазик, заминува за Лондон. На 32 години, избира нов почеток. "Едноставно преживував. Се обидував да живеам како монах, често бев во манастир, подготвувајќи се и за замонашувањето. Првите пет години живот во емиграција беа мои искушенички години", вели Стефанов, сега оженет и татко на две деца. Во тие моменти на искушение, почнал да изработува икони, но интензивно работи и објекти, цртежи и фотоколажи како подготовка за инсталациите и изложбите од циклусот "Ангели".
"До мене стигна предлог дека заедно со Мазев и Николовски ќе ја претставуваме тогашната Југославија на Венециското биенале. Се беше подготвено, извадив авионска карта, ги спакував делата и пред самото заминување се случи пожар. Сите дела изгореа", се потсетува Стефанов на баксузниот ден. Но, за среќа имал можност да оди на оваа престижна ликовна манифестација. Во 1993 година заедно со Николовски, сепак, ја претставуваше Македонија на 45. Венецијанско Биенале, кое истовремено беше прво официјално меѓународно културно претставување на Македонија по приемот во ОН. "Имавме премногу кратко време, минимални средства, а максимално проблеми. Пред отворањето на нашата изложба ни беше сменето името, на самото отворање ни го украдоа знамето", додава уметникот.
Стефанов, иако е далеку од Македонија, како што вели, не е славен или богат, но е среќен. Заедно, со сопругата го имаат студиото за внатрешен дизајн, декорација, икони и мурали "Артком". "Ако во целост го гледаме моето емигрирање, можеби некому му изгледам како неисполнета мисија. Но, јас сум побогат за многу стручни, животни и духовни искуства. Едноставно, јас сум еден од оние кои заминаа од другата страна на Јордан за да го најдат својот мир", вели Стефанов. Рамка: Работел и за англиската кралица
"Преку оглас за вајари, ме избраа со задача од половина милион парчиња да обновиме пет салонски таваници од една изгорена кралска куќа. За ова со останатите колеги ја добивме Нациналната годишна награда за реставрација. Останав три и пол години во компанијата што се грижеше за реновирањето на скулптури од националното и кралското наследство на Англија", вели Стефанов, кој иако е магистар по вајарство, негова творечка преокупација се амбиенталните инсталации.

Употреба на природни материјали
Во своето творештво не можам да користам строго одредени и конвенционални техники затоа што тие не ми овозможуваат адекватно да го изразувам моето ликовно размислување. Користам исклучиво природни материјали (слама, лисја, памук, гранки, кал, трева, сено, борови) со цел да ги анализирам нивните особености (структура, боја, текстура, мирис, густина, топлина). Притоа се служам со соодветни автентични технички решенија, како што се врзувањето со коноп, прицврстувањето со спајалици, кал или мрежа.

Анита ЈОВАНОСКА

Поврзани

Најнови вести

Коментари