ОД ЦРКВАТА "УСПЕНИЕ НА СВЕТА БОГОРОДИЦА"-СТРУШКО

Вредните икони ќе се чуваат во музејски депоа

Вредните икони од црквата Успение на Пресвета Богородица" во струшкото село Модрич ќе се чуваат во музејските депоа заради нивна заштита од крадци. Завчера 27 икони беа земени од страна на претставниците на државните институции за заштита на културното богатство и на МПЦ што, пак, предизвика реакција кај месното население, кое смета дека самите во последно време преземале доволно чекори за заштита на ова вредно културно богатство.

"Нашата црква сега нема никаква вредност и затоа сакаме да ни се вратат иконите. Нив ги цртале наши дедовци и прадедовци. Тие не треба да завршуваат во подруми и да ги гризат глувци", велат жителите од Модрич.

Директорот на Музејот Доктор Никола Незлобински" од Струга, Сашо Цветкоски, пак, појаснил дека не станува збор за трајно одземање на иконите, туку за нивно депонирање на безбедно место, со цел заштита од кражби.

"Не се работи за кражба, туку за нивна заштита преку дислоцирање на сигурно место, нагласи Цветкоски. Тој појасни дека на ваков начин ќе треба да се заштитат иконите во црквите од околу шест до седум села во регионот, што се честа мета на крадци, притоа најавувајќи дека деталите за мерките и начинот на заштитата на иконите од црквите ќе бидат соопштени наскоро од страна на претставници на Македонската православна црква.

Поврзани

Најнови вести

Коментари