АМБАСАДОРОТ НА МАКЕДОНСКИОТ ФОЛКЛОР, "ТАНЕЦ", ОДБЕЛЕЖА 65 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ

Во Македонија ќе бидеш и натпеан и надигран

Ансамблот за народни игри и песни "Танец" со свечена академија одбележа 65 години од своето постоење. Честитки по повод годишнината упати и поглаварот на МПЦ, г. г. Стефан, кој на "Танец" му додели и високо црковно одличје, орден на св. Климент Охридски од прв ред

На просторите на поранешна Југославија широко распространета беше поговорката "Кога поминуваш низ Босна немој да пееш, кога поминуваш преку Србија немој да играш, кога поминуваш преку Македонија немој ниту да играш, ниту да пееш, бидејќи ќе бидеш и натпеан и надигран". Ова завчеравечер уште еднаш го докажаа игроорците, музичарите и пејачите на националната установа Ансамбл за народни игри и песни Танец", кои со свечена академија одбележаа 65 години од своето постоење. Присутните во салата на Македонската опера и балет имаа можност да се запознаат со историјата и успесите на амбасадорот на македонското фолклорно богатство, но и да уживаат во македонската песна и музика, како и во сплетот од македонски ора: "Невестинско", "Тешкото", "Комитско", "Чифте чамче", "Осоговка"...

"Чест е да се биде на кормилото на овој ансамбл, кој 65 години е симбол на македонската култура и уметност, подвижен музеј на македонското фолклорно наследство, кој претставува идентитет и историја на македонскиот народ. Воедно, голема обврска е да се задржи и да се зачува сето тоа што е направено сиве овие години", истакна Зоран Џорлев, директор на ансамблот "Танец". Тој вчера им се заблагодари на основоположниците на "Танец", но и на сите оние кои придонеле за развој на "Танец". Притоа, посочи дека нивните имиња ќе се најдат во монографијата за Танец", која се подготвува, како и во едукативното ДВД наменето за помладите генерации, како што истакна, за да не ги заборават своите корени".

Џорлев ги потсети присутните и за почетоците на "'Танец", кој е формиран во мај 1949 година со указ на тогашната влада, за првиот голем концерт одржан во скопскиот Народен театар и за првиот меѓународен настап на "Тешкото" во Велс, Англија, каде што ансамблот го освои првото место, што му овозможи концерти низ цела Англија. Тогаш во образложението на жирито за наградата стоеше: Самата игра е толку суптилна, кореографски така богата, емоционално пластично совршена што секаков обид да се направи нешто во неа само би ја нарушило идеалната хармонија меѓу споменатите елементи. Таа игра е доказ дека таму живее народ со висока култура".

"Танец" има учествувано на над 4.500 концерти и подиуми во земјата и во светот пред околу осум милиони гледачи... (Д.Т.)

Орден за "Танец"
Честитки по повод годишнината со желби за уште многу годишнини вчера на "Танец" му посака и поглаварот на МПЦ, архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан.

"Песната и орото траат колку што трае историјата, колку што трае човечкиот род. Царот Давид вели - ќе му играм и ќе му пеам на Господа, а пророкот Исаиј на едно место запишал - песната е мојот Господ. Прочитав 'Танец' е душата на Македонија. Ќе додадам - песната наша и орото наше се молитва и поклон за Македонија. Нека трае 'Танец' и нека трае песната и орото наше македонскоо, истакна г. г. Стефан. "Танец" вечерта од Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква го доби и високото црковно одликување, орден на свети Климент Охридски од прв ред за неговата улога како чувар и репрезент на македонската традиција и култура и на народното фолклорно и духовно творештво на македонскиот народ.


Фото:Д.Митрески

Поврзани

Најнови вести

Коментари