НАДНАСЛОВ: РОДНОКРАЈСКИ ЗАПИСИ

Среде лето да се тресеш од студ!

Ако во студен и маглив ден решите да патувате кон скијачките терени на Бистра, кога ќе го поминете Гостивар и ќе ја искачите Влаиница, пред вас ќе се отвори широко поле. Секако, кога ќе се дигне маглата, вие ќе го видите езерото, но до пред педесетина години таму навистина беше поле. Првото село до кое ќе стигнете е Леуново. Како и другите две соседни села, Никифорово и Маврово, и Леуново се одликува со посебно поднебје што доаѓа поради малиот котлински засек и надморската височина на која се наоѓа селото. Тоа се причините што во селото постојат големи разлики меѓу дневните и ноќните температури. Кога на времето минал низ Мавровско Поле познатиот географ Јован Цвииќ забележал дека овде "И среде лето ноќе луѓето се тресат од студ", а дење неподнослива горештина, во мугрите од низината се дига магла, така што кога се гледа од Бистра полето изгледа како езеро …“. Во описите на нашиот патописец, штипјанецот Тодор Маневич се вели: "Маврови Анови често биле место на разделба и последно видување на сопатниците кои се враќале со заработувачката и се подлабоко навлегувале во дивата и прекрасна клисура на Радика". Човекот кој дал неизмерен придонес за современата населба Леуново, Душко Апостолоски, ни раскажува: - Тука сум роден во 1927 година. Неизбришливи се впечатоците од младешките денови во моето родно место. Во Леуново го завршив основното училиште. Ние имавме две куќи. Во едната живееше стрико ми Седек кој беше печалбар во Романија и Белград, а во другата татко ми кој имаше дуќан со основни прехранбени производи. Леуновското Поле зафаќаше две третини од целокупната површина на Мавровско Езеро. Горниот дел од полето близу селото беше со убави градини, оградени со плотови и летви во кои се одгледуваа градинарски култури наводнувани од Леуновска Река. Најголемиот дел од површините на полето беа ливади. Тогаш постоеше селски договор до кога добитокот може да се напасува за потоа да порасне тревата за косење која служеше за исхрана на добитокот. Површините од ридовите се обработуваа за сеење 'рж, јачмен и овес. Пченка и пченица не успеваше. Земјата се ораше со рало влечено од волови. Најголем товар поднесуваа жените, бидејќи ги вршеа и сите домашни работи. Повеќето од мажите одеа на печалба. И Мавровските Анови исчезнаа во Езерото заедно со занаетчиските дуќани кои ги држеа Леуновци. Тие беа терзии, кожувари и мајстори за покривање на куќите со слама. Во тие дуќани како терзија работел и мојот прадедо Соломон, а традицијата ја продолжи дедо ми Лукан. Во селото познат терзија што зимно време работеше како печалбар во Гостивар беше Ѓоре Синадиновски. Тој самиот не знаеше колку девојки има облечено во невестинско руво. На фотографијава во невестинска облека е невестата Верица Синадиновска, снаа на терзијата. Неговиот син Цветан Синадиновски е во Австралија. Познатиот македонски филмски и театарски актер Вукан Динески е брат на Ѓорета. Синот Сашо и ќерката Наташа со семејствата живеат во Швајцарија. Јас на Леуновска Река паметам две воденици. Едната на почетокот на селото беше на Никола Ристески кој учествувал како војник на Солунскиот фронт. Другата средсело на Гаве Лазарески. Тие го мелеа житото од родот од нивите. Импозантниот објект во центарот на Леуново е црквата "Света Богородица". Таа е градена некаде пред 14 век. Врз нејзините темели била обновувана, доградувана и надградувана. Меѓутоа точниот датум на нејзиното градење не се знае. Постои Леуновско Евангелие кое според водените знаци потекнува од 1537 година. До црковната зграда во висина од 20 м е камбанаријата. Жителите инвестирале многу во иконостасот и олтарот. Фреските и длаборезот се изработени од Леуновчани. Во Леуново уште од 14 век се јавиле првите зографи. Во поново време леуновчани се грижат и вложуваат труд и средства за одржување на храмот. Во непосредна близина на црквата е куќата со многу интересна архитектура. Таа е од најбогатото семејство во Леуново. Се сеќавам кога се градеше. Тогаш јас бев деветгодишно дете. Ја градеа тројца браќа Дамче, Нуфрија и Виќе Костоски. Тројцата синови на Дамче отидоа во Америка. Од десната страна постоеше плевна каде се чуваше добитокот. Жандарите од кралска Југославија го прогонуваа Нуфрија и за да го исплашат семејството ја запалија плевната и добитокот изгоре. Како сега да го слушам врискањето на коњот кој не можеше да побегне од пламените јазици. Синовите на Дамче Костовски, Русе, Еремија и Злате како млади заминаа во Америка. Русе дојде за да се ожени. Ја оставаше невестата дома и пак заминуваше. Исто така, доаѓаа да се женат и другите двајца браќа. Во 1943 година таму живееја две невести Еремица и Русевица. Разбојници мислејќи дека имаат многу пари се обидоа да провалат преку таванот. Невестите излегоа на балконот и почнаа да пиштат. Селото се возбуди. Стрико ми имаше грчка пушка во која можеше да биде сместен само еден куршум. Тој пукнал и го осветли целото маало. Арамиите се откажаа од намерата велејќи дека овие почнаа со топови да не гаѓаат. На Русета двете ќерки му се во Америка. Еремија почина скоро. Тој пред десетина години по сите свадбени обичаи во Леуново направи златна свадба. Ги собра повторно сите леуновчани и сите роднини. Ечеше Леуново од зурлите и тапаните. Браќата по 1945 година ги зедоа жените во Америка. Сите тие имаат свое потомство. Тие се големи Македонци. Ја потпомагаат црквата таму. Секој леуновчанец што ќе отидеше во Америка бил прифаќан од нив. Нашето семејство беше едно од поретките од дедо, прадедо што не го напуштиле Леуново. Од поширокото семејство братучед ми Војне за кого не паметам кога отиде во Америка се врати во 1960 година кога се здоби со американска пензија. По кажувањата на гурбетчиите тој таму го живеел животот боемски. Неколкупати тие се обидувале да го вратат во Леуново, дури ќе му изваделе и билет за патувањето. Но вечерта тој ќе сврател во некоја коцкарница и ќе ги изгубел парите. На 21 август 1944 година фашистичките орди го запалиле Леуново. Куќите гореа како факели. Пламените јазици не ги зафатија само куќите на Дамче Костоски, Саржо Исоски, Тоска Груевска и Бејо Србиновски како и црквата и училиштето. Во центарот на Леуново како сведок на непокорот на слободољубивоста на леуновчани е споменикот. По ослободувањето од репарациите што беа добиени почна да се обновува Леуново. Првите десет куќи што се изградија се со четири простории и раскошно се убави. Подоцна поради недостиг на средства куќите се градеа со по две простории. Со полнењето на Мавровско Езеро во 1956 година се појави една еуфорија за изградба на викенд- куќи. Бидејќи работев во Железарницата во Скопје, на моја иницијатива и залагање почна изградбата на хотелот "Радика" во Леуново. Јас зедов плац за изградба на викенд-куќа на општествено земјиште, бидејќи каде што беше нашата куќа беше предвидено да минува доводниот канал од реката што се влева воЕзерото. Татко ми кога разбра за тоа ме спречи велејќи ми дека желбата му е да изградам куќа на имотот на дедо ми кој беше на еден рид без пристап на пат, вода и струја. Тој ми ја даде сета негова заштеда и така јас во 1978 година почнав да ја градам куќата.

Томо ЧАЛОСКИ

Поврзани

Најнови вести

Коментари