СРЕДЕ ВАЛАНДОВО ОТКРИЕНА ДОЦНОРИМСКА ПАЛАТА

Со Стакина чешма ќе потечат и туристи

НА ОВОЈ ЛОКАЛИТЕТ ДЕНОВИВЕ СЕ РАБОТИ НА ОТКРИЕНАТА ПАЛАТА ОД ДОЦНОРИМСКО ВРЕМЕ. ОБЈЕКТОТ, НЕВООБИЧАЕНО, СЕ НАОЃА ВО САМИОТ ГРАД И ПРЕТСТАВУВА ЕДЕН ОД РЕТКИТЕ ОД ОВОЈ ПЕРИОД. ТОА МОЖЕБИ ЌЕ МУ ПОМОГНЕ НА ВАЛАНДОВО ДА СТАНЕ ПРИВЛЕЧНО ЗА ТУРИСТИТЕ

На локалитетот Стакина чешма во Валандово деновиве се документира и се прават обиди пред научната јавност да се презентира уште едно откритие кое говори за животот на овие простори во доцноримскиот период. Досега откриениот и истражен дел од објектот, познат како римски домус, според археологот Мила Шурбаноска, која е раководител на проектот, претставува куќа (палата) за живеење со вредни мозаици и фрески на ѕидовите од 4 век од нашата ера, во времето кога Римската империја ја зафаќаат крупни промени. Се претпоставува дека палатата била сопственост на некој висок великодостојник и дека била дел од римската провинција Македонија Прима.
Како што вели Шурбаноска, досега се истражени десетина простории со подни мозаици, работени во различни техники и со различни орнаменти, а мозаиците се доста сочувани. “Границите на објектот се уште не се дефинирани, така што не може да се одреди неговата просторна диспозиција, како и неговиот однос кон локалитетот. Сигурно е дека се работи за голем објект со повеќе градежни фази и доста сложена архитектонска шема", објаснува Шурбаноска. Таа смета дека целосното истражување на овој локалитет може да биде од многу големо значење, бидејќи станува збор за објект кој се наоѓа во самиот град, односно на 30 метри од центарот на Валандово. Покрај тоа, се наоѓа и во близина на магистралниот пат кој води кон Дојран. "Ретко се случува локалитетот да се наоѓа во самиот град. Таков е случајот само со Хераклеја во Битола и ископините во Охрид", вели археологот и додава дека поради тоа Стакина чешма може да прерасне во туристичка атракција.
Археолошките истражувања на овој локалитет се започнати уште во далечната 1973/74 година од страна на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, под раководство на д-р Живоин Винчиќ. Подоцна, во 1987 година, Музејот на Македонија под раководство на Шурбаноска продолжува со истражувањата на овој локалитет. Оттогаш до денес, со големи прекини и малку средства, во само шест кампањи се вршени археолошки истражувања на локалитетот.
Покрај, Шурбаноска, истражувањата ги врши стручна екипа од Музеј на Македонија во состав од: м-р Антонио Јакимовски - археолог, Лилјана Мангаровска - архитект, Мирослав Димовски - фотограф, а учество ќе земат и студенти од Катедрата за археологија при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј" во Скопје. “Досега имавме добра соработка со локалната власт. Се надеваме дека овој тренд ќе продолжи и со сегашните први луѓе на општината", вели Шурбаноска.

Анита ЈОВАНОСКА

Поврзани

Најнови вести

Коментари