Најпрестижната филмска награда ги раскара филмаџиите во Македонија

Скандал: Македонската кандидатура за Оскар стаса до суд!?

Револтот го предизвика одлуката на комисијата на Друштвото на филмските работници според која "ниту еден од филмовите, македонски кандидати, не ги исполнува естетските и наративните критериуми" за учество во трката за Оскар. Продуцентот и режисерот на македонскиот филм "Златната петорка" најавија судски процес против инволвираните во, како што велат, скандалозната одлука

Продуцентот и режисерот на македонскиот долгометражен филм "Златната петорка" Дејан Милошевски и Горан Тренчевски најавија судски процес против Друштвото на филмски работници (ДФРМ) поради како што велат, скандалозната одлука Македонија годинава да нема кандидат за Оскар.

"Златната петорка" заедно со филмот „Кога денот немаше име" на Теона Стругар -Митевска беа во трка за македонски претставник за најпрестижната филмска награда од неанглиско говорно подрачје. Револтот го предизвика одлуката на комисијата на ДФРМ според која "ниту еден од овие филмови не ги исполнува естетските и наративните критериуми".

"Не може филм кој има добиено награди и признанија на светските филмски фестивали да не ги исполнува критериумите. Поради скандалозната намера оваа година Македонија да нема свој претставник во трка за Оскар, јавно го отвораме проблемот со постоење на филмската „мафија" во Македонија. На потег се државните институции, а за нанесената колективна и приватна штета, покренуваме судски процес против инволвираните", го искажа меѓудругото својот револт режисерот Тренчевски. Тој исто така додаде дека според сите релевантни показатели ова е најгледаниот и најнаградуван македонски филм во изминатата сезона, дома и во странство.

"Ние бевме подготвени и самите да си ги покриеме трошоците од сопствени средства за промоција на филмот во САД. Бевме подготвени дури и да се откажеме од кандидатурата и да му дадеме предност на другиот кандидат. Но мене ми е повеќе од јасно дека вистинската причина за спречувањето за номинација не е квалитетот на нашиот филм, туку тоа се најмалку две други причини. Едната е секако "идеолошка", а другата е обидот за нанесување лична штета за да не добијам поддршка за мојот следен долгометражен игран филм", посочува Тренчевски.

Продукциската куќа "Револушн" која стои зад филмот, деновиве побара и Агенцијата за филм на РМ на чело со в.д. директорот Горјан Тозија да застане на страната на продуцентите, во одбрана на филмските проекти.

"Македонија вложила финансиски и креативно во филмовите и ние треба да имаме претставник за Оскарот", стои во реакцијата од "Револушн" продукција.

Со претседателот на ДФРМ Роберт Насков деновиве се сретна и разговараше на оваа тема и

Министерот за култура Роберт Алаѓозовски, кој меѓудругото истакна: "Без никаква намера да ја нарушувам автономијата на работата на Друштвото на филмски работници, кое е еснафско здружение на граѓани и имајќи го предвид јавниот интерес детално се запознав со процедурите и начинот на избор на кандидатот за македонски претставник за наградата Оскар. Бев информиран дека одлуката за македонскиот кандидат ја носи седумчлена комисија која е одобрена од Американската филмска академија. И во претходните години се случувало Македонија да нема свој претставник за Оскар, тогаш кога комисијата сметала дека нема соодветен кандидат. ДФРМ е филмска асоцијација која е партнер на Американската филмска академија и е сосема автономна во изборот на кандидатот", изјави во таа прилика Алаѓозовски.

Инаку, "Златна петорка" досега има освоено шест меѓународни награди. До крајот на година филмот ќе биде селектиран на 25 меѓународни филмски фестивали, а за неполни 12 месеци го имаат видено 17.000 гледачи во Македонија, и 80 000 надвор од државата. Филмот неодамна беше прикажан и во Њу Делхи и Мумбај каде ја доби наградата Најдобар странски филм, а беше прикажан и во Њу Џерси каде имаше своевидна американска премиера. „Златната петорка" има и чешка премиера во рамки на Балкан филм фест.

Поврзани

Најнови вести

Коментари