РОДНОКРАЈСКИ ЗАПИСИ - СТРЕЗОВЦЕ

Секое маало со своја историја

Пролетта 1937 година, во маалото Стевановци, во семејството Димитриевски на шестмесечното болно дете Богољуб се повеќе му се влошувала состојбата. Малечкото не престанувало со плачење и се помалку примало храна. Родителите дење и ноќе бдееле над него и се молеле да оздрави. Од плачењето на малиот не можеле да заспијат ниту четирите браќа и трите сестри. Тие не биле во состојба да ги извршуваат пролетните земјоделски работи. При таквата положба еден од браќата толку се разлутил што рекол дека: Од ова дете што не бидува човек не бидува, туку да го фрлиме. Барајќи спасение за своето чедо, таткото и мајката го однеле во манастирот "Свети Отец Прохор Пчински" и вечерта го ставиле на гробот на светителот да преноќева. За чудо, ноќта детенцето не заплакало, спиело како јагне. Утрото Богољуб почнал да прима храна и така од ден на ден се повеќе се опоравувал и напредувал. Во Стрезовце го завршува основното образование, а потоа продолжува во средно училиште и на богословски студии. Историчарот, д-р Маријан Димитриевски забележал: Стрезовце е стара населба. Според опширниот пописен тефтер за ќустендилскиот санџак од 1570 - 1573 година, кој содржи вкупно четири тетратки, само тетратката два се однесува и на Нагоричката нахија, кон која административно припаѓало и селото Стрезовце. Според овој тефтер, Стрезовце имало 89 семејства и во него се дадени имињата на машкото население по фамилии и тоа најнапред женетите, а потоа неженетите и висината и видот на давачките кои ги давале на турската власт. Стрезовце се состои од седумнаесет маала. Во маалото Илиевци се наоѓа црквата "Свети Никола", која почива на постари темели од византискиот период. Подоцна во 1606 година над нив е изградена и живописната сегашна црква. Една од најкарактеристичните природни градби е таканаречениот Шупли Камен. Оваа мистична камена природна градба, која по својата форма потсетува на полжав, се издига во висина преку 20 м, а ширина 5 м. Во народот постои верување дека ако неплодна жена трипати помине низ шуплината на карпата, ќе забремени. Градењето крстови на повидни локации и познати месности кај стрезовчани било познато многу одамна. Тие тоа го правеле од повеќе причини. Но најмногу градењето било посветено на спасението, односно на покажување човечка волја за послушност кон Бога. Еден од најстарите и најпознати крстови се наоѓа во маалото Велковци. Стрезовчани на ова место, на верскиот празник Спасовден се собираат и приредуваат свечен ручек. Крстот над Пејарчево се претпоставува дека го подигнале стрезовчани од маалото Живуша и околните маала. Според одредена легенда, крстот во стари лозја е подигнат од брачна двојка без деца за да го омилостиват Бога. Крстот на обрушен камен е подигнат од некој верник, кој тука доаѓал да земе вода од лековито кладенче под карпата. Во седумдесеттите години од минатиот век како осумнаесто маало се оформува Ново Стрезовце. Првата куќа во Стрезовско поле ја изградил Спасо од маалото Терзинци со својот син Борко, кој живее и работи во Германија. Април, 68 години подоцна: На ридот Илиевац во Ново Стрезовце стоиме простум пред новиот манастир "Свети Отец Прохор Пчински". Двомилениумскиот крст "Македонски вознес" со висина од 25 м и ширина од 12 м плени со својата грандиозност и е еден од најголемите во Македонија. - Навистина големата желба што ја имав во текот на своето свештеничко и богословско образование, да се оддолжам на овој голем светител, кој е мој молитвеник пред Бога, ми се оствари, ни вели Богољуб Димитриевски меѓу народот познат како митрополитот европски - дедо Горазд. Поради сите тие нешта што ми ги кажале родителите се заветив да се оддолжам на светителот спасител со изградба на овој крст и црква во моето родно Стрезовце. Моето семејство нивата што ја имавме на овој простор ја подари на манастирот. Идејата се оствари со придонес од многу пријатели со благородна волја. Идејата за изградба на Милениумскиот крст е од поодамна бидејќи како архиереј на МПЦ имам престојувано во Америка, Канада и цела Европа, и таму видов крстови како доминираат на највисоките места во тие простори. Притоа, имајќи го предвид големото значење на светото христијанство на православната вера и чесниот и животворен крст, кој е симбол христијанската вера и бидејќи се наближуваа двата милениума од христијанството, ние го избравме со надлежниот митрополит Полошко - Кумановски Кирил, местото во моето родно село Стрезовце, на височинка која како да е од Бога создадена да го изградиме милениумскиот крст. Македонија како библиска земја, како Апостолска црква да се украси со овој христијански симбол кој 2000 години суштествува во светот. Камен-темелникот го поставивме во 1999 година, а во 2000 година крстот е изграден и осветен заедно со високопревосвештениот Полошко - Кумановски г. Кирил и мојата скромност Митрополит европски Горазд. На западната страна со метални месингани старословенски букви стои написот 2000 години Христос се роди, а на источната - кон старото село - 2000 години Христос воскресе. Со желба да воскресне селото, да воскресне Македонија, со народ, со убавини, со плодородие за да можеме да бидеме вистинска библиска земја и вистинска Апостолска црква. На денот кога е извршено осветувањето на крстот, на истото место во непосредна близина на крстот се удрија темелите за градење на новиот манастирски комплекс посветен на македонскиот светец Свети Отец Прохор Пчински. Оваа света градба ќе ги задоволи потребите на населението од овој крај по затворањето на границата кон Србија и слободниот пристап кон манастирот. Сите знаеме дека стариот манастир што е изграден во горното течение на реката Пчиња е македонски, уште поодамна го граделе Македонци. Во тој манастир е погребан македонскиот просветител Свети Отец Прохор Пчински, кој живеел во 11 век и бил од околината на Свети Николе. Во древниот манастир по божјо привидение на 2 август 1944 лето господово на големиот наш светол ден Илинден е одржано заседанието АСНОМ и е обновена македонската држава.

Томо Чалоски

Поврзани

Најнови вести

Коментари