СПОМЕНИК НА КУЛТУРАТА ВО ГАЗИ БАБА

Реконструирано Турбето на крал к'зи - Мавзолеј на кралската ќерка

Оваа градба за која се претпоставува дека е гробница на последната босанска принцеза Катерина, е во составот на муслиманските гробишта лоцирани на ридот Гази Баба. Претставува значаен споменик на османлиското градителство од 15 век и се вбројува меѓу најстарите исламски и ориентални сакрални објекти во Македонија

Споменикот на културата "Турбето на крал к'зи", (Мавзолеј на кралската ќерка), кој е лоциран во месноста Гази Баба, во Скопје, во близина на Природно-математичкиот факултет, е целосно реконструиран. Оваа градба за која се врзани бројни легенди, меѓу кои и дека се работи за гробница на последната босанска принцеза, е во составот на познатите муслимански гробишта на ридот Гази Баба. Според директорката на Конзерваторскиот центар Скопје, Ема Петрова, претставува значаен споменик на османлиското градителство од 15 век и се вбројува меѓу најстарите исламски и ориентални сакрални објекти во Македонија.

Во земјотресот од 1963 година споменикот " Турбето на крал к'зи" во Скопје претрпел огромни оштетувања. Денес е целосно реконструиран од страна на НУ Конзерваторски центар Скопје, со донација од Босна и Министерството за култура.

Вратени се автентичните делови, еден од столбовите е оригинален, а поставени се три нови со ист материјал. Зајакнати се темелите и поставен е и целосно нов покрив, но се е направено со цел да се задржи автентичен изглед од времето кога е направен", истакна директорката Петрова.
Од Конзерваторскиот центар објаснуваат дека објектот има квадратна основа со димензии 4,14 на 4,14 метри, со гробна комора во средината во форма на крипта. Според архитектонските карактеристики припаѓа на типот отворени турбиња со купола. Објектот бил граден од обработени камени квадери и тула. Бил покриен со купола потпрена на четирите столбови на аглите од основата. Над куполата имало четириводен кров покриен со керамиди.

По оштетувањата во земјотресот од 1963 година турбето долго време опстојувало со урната кровна конструкција и два од столбовите. Поради неодржување и непреземање мерки за санирање, турбето целосно се урнало, односно столбовите се урнати и материјалот бил растурен во непосредната околина, а со пешачката патека биле покриени западниот и јужниот агол на основата. Целиот објект бил обраснат и со бујна вегетација. Локалното население, пак, кое во народната традиција го смета турбето за култно место, тука палело свеќи", велат од Конзерваторскиот центар-Скопје. (Д.Т.)

Легенди за кралската ќерка
За турбето и личноста која е погребана во него постојат повеќе претпоставки (легенди), кои ги поврзува тоа што според сите крал к'зи била христијанка и ќерка на некој крал, но дека ја почитувала и муслиманската вера. Според една од претпоставките во турбето е погребана ќерката на паша Јигит бег, освојувачот на Скопје, кого поради положбата на краишки војвода и големата власт што ја имал во Скопје, христијаните го нарекувале крал, па можеби поради тоа турбето е наречено "крал к'зи" (кралска ќерка). Најраспространета е сепак претпоставката дека во турбето е погребана Катерина, ќерката на босанскиот крал Стјепан Томаш и кралицата Катерина Косача. При освојувањето на Босна во 1462 година од страна на Османлиите таа била заробена и веројатно била мажена или под заштита на турски великодостојник и доведена во Скопје, каде што умрела и била погребана. Поради кралското потекло, подигнат и е мавзолеј (турбе).

Поврзани

Најнови вести

Коментари