По повод 70 години од основањето

Претседателот Иванов ќе додели Орден за заслуги на НУБ „Св. Климент Охридски"

Ќе биде отворена и изложбата „Од ризницата на НУБ" со старословенски, ориентални и современи ракописи, музички композиции, стари карти, ретка периодика, како и дел од изданијата на Библиотеката и избрани публикации за свети Климент Охридски

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски" - Скопје денеска ќе ги празнува јубилејот 70 години од основањето и патрониот празник.

Прославата ќе почне во 11 часот со положување цвеќе пред споменикот на свети Климент Охридски (пред Библиотеката), а хорот „Хармосини" ќе ја исполни композицијата „Тропар на свети Климент Охридски", со што ќе биде оддадена почит на патронот на НУБ „Св. Климент Охридски".

-Во рамки на прославата и во контекст на 70-годишниот јубилеј, за досегашниот придонес на Библиотеката во општествениот развој на државата, Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, ќе и додели Орден за заслуги за Македонија на НУБ „Св. Климент Охридски" - Скопје, најавуваат од библиотеката за настанот на кој ќе се обратат и директорот на НУБ „Св. Климент Охридски" и д-р Елизабета Канческа-Милевска, министер за култура на Република Македонија.

По завршувањето на церемонијалниот дел на доделување на Орденот за заслуги за Македонија, ќе бидат изведени композициите „Достојно јест" и „Кратима", а потоа ќе биде отворена изложбата „Од ризницата на НУБ" која е организирана специјално по овој повод и преку која на присутните ќе им биде презентиран мал дел од културното богатство што го поседува Библиотеката: старословенски, ориентални и современи ракописи, музички композиции, стари карти, ретка периодика, како и дел од изданијата на Библиотеката и избрани публикации за свети Климент Охридски.

По повод 70-годишниот јубилеј, НУБ „Св. Климент Охридски" - Скопје подготви и објави „Библиографија на изданијата на НУБ „Св. Климент Охридски" од основањето до 2014 година", со цел да се прикаже целокупната досегашна издавачка дејност на Библиотеката.

На прославата ќе бидат промовирани уште три други изданија, а во вториот дел од свеченоста ќе им бидат доделени „Свети Климентови грамоти" на претходните директори на НУБ „Св. Климент Охридски" и на неколку личности кои имаат дадено значаен придонес за Библиотеката.

Поврзани

Најнови вести

Коментари